Мисијата има исклучиво одбранбен карактер и не влегува во конфликти со хутите, туку само ги штити бродовите кои минуваат низ Аденскиот Залив и Црвеното Море
Поморската воена мисија на Европската Унија во Црвеното Море во изминатиот месец следеше 68 брода и одби 11 напади на јеменските хути, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел. На крајот на февруари Европската Унија започна поморска воена мисија наречена „Аспид“, што во превод значи „Заштитник“, за заштита на бродовите во Црвеното Море кои се нападнати од јеменските хути, вооружена исламистичка милитантна група поддржана од Иран.
Мисијата обезбедува заштита на трговските бродови, но не учествува во воените напади врз хутите.
„Можеме гордо да кажеме дека сите бродови на кои им беше потребна заштита беа успешно одбранети и дека сите бродови што бараа заштита беа придружувани од нас“,
рече на заедничка прес-конференција за новинари. командантот на мисијата, грчкиот контраадмирал Висилиос Грипарис.
Борел истакна дека јеменските хути ја загрозуваат безбедноста на пловидбата поради што цената на превозот од Кина до Европа значително е зголемена.
„Цената за транспорт на еден контејнер од Кина до Европа е двојно зголемена, а трошоците за осигурување на превозот се зголемени за 60 отсто“,
рече Борел.
Околу 13 отсто од светската трговија се одвива годишно преку Црвеното Море, а денес само половина од 70-те брода што вообичаено минуваат низ Суецкиот Канал минуваат низ него, додаде Борел.
Мисијата има исклучиво одбранбен карактер и не влегува во конфликти со хутите, туку само ги штити бродовите кои минуваат низ Аденскиот Залив и Црвеното Море.
Во операцијата учествуваат фрегати од четири земји членки на ЕУ, а 19 од нив придонесуваат со испраќање персонал во оперативниот штаб.
