„Нова година е разумен период во којшто би требало да се случат уставните промени. И целата процедура на уставните промени трае околу два-три месеци, ако не се лажам околу сто дена, така што се надевам дека пред Нова година Македонија ќе успее да ја помине уште оваа пречка и да ги започне преговорите“, вели кандидатот на коалицијата „Влен“ за претседател на државата во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Еднаш слушаме дека има џентлменски договор помеѓу партиите на Албанците да не влегуваат во влада којашто нема да се заложи дека во еден момент ќе ги донесе уставните измени, друг пат слушаме дека има потпишано некаков документ за тоа. Може ли да ни кажете дали има ли потпишан документ или џентлменски договор?
Таравари: Потпишан документ нема, меѓутоа ние во коалицијата „Влен“ имаме меѓу нас договорено дека нема да бидеме дел од влада која не планира да го продолжи европскиот пат на Македонија. И порано кога преговарав со господинот Ахмети пред да се случи „Влен“ истото го имаме разговарано и мислам дека ниедна албанска партија не би ризикувала да биде дел од некоја влада која ќе ги стагнира преговорите како после Букурешт во 2008 година. За да бидеме дел од НАТО, ни требаше еден момент во кој можевме да имаме многу подобар договор со Грција во 2008 г. – да биде употребата, на пример, Северна Македонија само за надворешна употреба и да поминеме заедно со Хрватска и Албанија и ни се случи да не направиме мала отстапка. И потоа да ни требаат 10 години до 2018 година за да направиме многу поголем пропуст, за жал, да биде и за внатрешна употреба и да бидеме дел од НАТО. Јас не би сакал да ни се повтори истото. Да се вратиме назад во времето, во тоа време беа во влада, 2008 година, ДПА и ВМРО, меѓутоа веднаш имаше избори и, за жал, ВМРО и ДУИ десет години, имаше три или четири пати парламентарни избори и никогаш не се постави некаков услов, за жал, од ДУИ до ВМРО за да престанеме со продолжување на тој процес и на крај добивме полош договор.
360°: Сме ја слушале оваа ваша теза во повеќе јавни настапи, дали сакате да кажете дека сега ДУИ е нефер кога гледа дека „Влен“ утре може да биде дел од влада и инсистира на тоа следната влада да се заложи за тоа дека ќе ги донесе уставните измени? Тоа ли е поентата?
Таравари: Не, јас за „Влен“ знам сигурно дека ќе биде гаранција во следната влада дека ќе продолжи по европски пат, но имам сомнежи дека ДУИ повторно може да игра на таков начин да не бара никаков услов.
360°: Можете ли да ни кажете точно кога очекувате да се случат уставните измени оти слушаме различни тајминзи, некој зборува за тоа дека барем првото гласање, иницијацијата на уставните измени, да се случи откако ќе се конституира Собранието, а пред формирање влада. Вас сум ве слушал, зборувате за рок од шест месеци, други зборуваат за друг тип аранжмани… Што е ставот на „Влен“ во делот на уставни измени?
Таравари: Следната влада сигурно ќе биде комбинација на две или три коалиции и секако треба да се седне да се разговара и да се договари. Меѓутоа, еден разумен предлог е околу шест месеци, барем до Нова година минимум додека се случат и изборите во Европска Унија, во исто време знаете во ноември има избори и во САД, ќе има нови администрации, така што мислам дека Нова година е разумен период во којшто би требало да се случат уставните промени и целата процедура на уставните промени трае околу два-три месеци, ако не се лажам некаде околу сто дена, така што се надевам дека пред Нова година Македонија ќе успее да ја помине уште оваа пречка и да ги започне преговорите.

360°: Може ли ова да биде изговор на „Влен“ да влезе во владата и да купува време – по шест месеци да кажете – еве сега за три месеци, па ќе дојдат локални избори?
Таравари: Видете, ние и следната година имаме избори, нели локалните избори се следната година.
360°: Многу веруваат дека ќе имаме заедно и парламентарни избори?
Таравари: Може да има – да, може да се случи да имаме и парламентарни ако имаме нестабилна влада, ако имаме влада којашто прави отпор на секакви предлози за државата да продолжи по европскиот пат. Јас мислам дека сите сме разумни луѓе, сите и мислиме добро на државата и ќе најдеме решенија што ќе бидат прифатливи за сите страни, се со цел државата да продолжи по патот што го посакуваат повеќето граѓани.
360°: Од ВМРО-ДПМНЕ, од една страна велат дека ја преферираат вашата коалиција за партрнер утре во влада, се разбира, треба да почекаме до 8 мај да ги видиме бројките по изборите, но во исто време лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиската дебата со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, прашан за вашиот став за уставните измени, вели – тоа е реторика и фолклор која сега во предизборието се споменува, сите добро знаат дека ниту јас ниту ВМРО ДПМНЕ прифаќаме какви било диктати. Што мислите вие за оваа изјава?
Таравари: Без разлика, секој може да си користи своја реторика за избори, јас знам дека не е ниту фолклор ова што го зборувам, ниту предизборна реторика, Себеси се сметам за сериозен човек што се обидува да го одржи тоа што го кажал, така што, ова е, според мене, најбитната работа за сите нас што живееме во оваа држава, значи да го продолжиме патот кој го посакува граѓанинот на Македонија, а тоа е европскиот пат. Така што, да причекаме 8 мај, да ги добиеме резултатите, па ќе седнеме ќе разговараме. Јас знам дека „Влен“ ќе биде гаранција во следната влада за евроинтеграциите на Македонија.