Дополнителниот заменик-министер во МВР ги информирал колегите дека иницијативата на Македонскиот полициски синдикат од ноември минатата година веќе привршува, а за неа, како што рече, е формирана и работна група, за колегите кои се на ноќна смена да добиваат паричен надоместок наместо храна
Парите за исплата на бонус плата се обезбедени со новиот буџет. Единствена пречка зошто не е исплатена бонус платата за 2023 година е поради распишување на претседателските и парламентарните избори. Ова денеска го изјави дополнителниот заменик-министер на Министерството за внатрешни работи (МВР), Митко Бојмацалиев, при неговата посета на СВР Велес и Полициското одделение Чашка, посочувајќи дека вработените во МВР ќе ги добијат бонус платите веднаш по завршувањето на изборите.
„По завршување на изборите и завршување на техничката влада ќе започне процедурата за собирање на податоци и исплатата на бонус плата, која до 2017 година не беше исплаќана, а од 2017 година наваму редовно се исплаќа“,
рече тој.

Ги информирал колегите дека иницијативата на Македонскиот полициски синдикат од ноември минатата година веќе привршува, а за неа, како што рече, е формирана и работна група, за колегите кои се на ноќна смена да добиваат паричен надоместок наместо храна.
„Со ова сакам да ја пренесам пораката дека го слушаме гласот на македонската полиција, ги разбираме нивните потреби и тука сме да изнајдеме заедничко решение“,
вели Бојмацалиев.