Коментирајќи ги изјавите на претставниците на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари дека ќе ја обжалат одлуката на судот, Села нагласи дека секој има право да ја обжали одлуката, но, како што посочи, во одлуката пишува дека се уважува барањето на конгресот претседател на партијата да биде токму тој

Прифатено е барањето за промена во политичката партија Алијанса за Албанците и изготвено е решение со кое во иднина за претседател се именува Зијадин Села, информираа денеска од Основниот суд Тетово.
„Основен суд Тетово ве известува дека донесено е Решение под РПП.бр.1/24 од 01.04.2024 година, со кое Барањето за запишување на промена на претседател на политичка партиіа Алијанса за Албанците со седиште во Тетово и Барањето за промена на статусот на партијата се уважува, во судскиот регистар на Политички Партии под РПП.бр.1/24 што се води пред Основен суд Тетово, се запишува промена на претседателот, во иднина за претседател на партијата се именува Зијадин Села од селото Ливада-Струга, наместо досегашниот претседател на партијата Арбен Таравари од Гостивар“,
се наведува во соопштението од Основен суд Тетово.
Информацијата вчера ја споделија од Алијанса за Албанците, а денеска за оваа тема прес-конференција одржа и Зијадин Села.
„Оваа одлука е многу важна за нас. Вистина е дека печатите кои ја претставуваат партијата се само една симболика, но од друга страна е многу важна. Овој момент е еден од алатките на нашите противници за Алијансата за Албанците да остане без никакво политичко решение во оваа ситуација кога веќе сме влезени длабоко во изборниот процес и Алијансата за Албанците да не биде претставена како што треба и да не учествува во оваа политичка трка“,
рече Села.
Коментирајќи ги изјавите на претставниците на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари дека ќе ја обжалат одлуката на судот, Села нагласи дека секој има право да ја обжали одлуката, но, како што посочи, во одлуката пишува дека се уважува барањето на конгресот претседател на партијата да биде токму тој.
Од крилото на Арбен Таравари денеска на прес-конференција образложија дека тројца судии се смениле пред донесување на оваа одлука.
Правниот застапник Абидин Абдули кажа и дека судечкиот судија во предвид не зел ниту еден доказ доставен од правниот застапник на крилото на Таравари и обвини дека најверојатно одлуката е донесена надвор од судот.
Абдули посочи дека одлуката на Судот не е конечна и дека во зададениот рок, кој изнесува 15 денови, ќе се поднесе жалба на изречената пресуда до Апелациониот суд во Гостивар, како и дека ќе ги разгледаат и сите можности за кривична и процедурална одговорност на претседателот на Судот и на судечкиот судија.
Алијанса за Албанците доживеа раскол откако лидерот Арбен Таравари ги повика партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците. На ваквиот повик се спротивстави Зијадин Села од позиција на претседател на Централното собрание со ставот дека партиските тела веќе донеле одлука Алијанса за Албанците да оди сама на претстојните избори.
