„Тројцата судии ја злоупотребиле својата моќ и ја донеле оваа срамна одлука на штета на целото судство во земјава. Тие ќе имаат многу за објаснување. Очекуваме и знаеме дека има разумни луѓе во Врховниот и во Основниот граѓански суд, каде веќе имаме поднесено барање за повторување на постапката. Ги користиме сите правни лекови, како барање за повторување на постапката кое очекуваме да биде експресно и да заврши до 1 мај. Ако не, не можеме да ги гарантираме активностите што потоа ќе ги преземеме и на каков начин ќе биде изразен револтот на работниците“, вели првиот човек на ССМ
Работничкиот дом е симболот на работничкото движење на работниците и на граѓаните во Македонија. Така било 70 години. Работничкиот дом го преживеал земјотресот во 1963 година, ќе ја преживее и срамната одлука на Врховниот суд за негова конфискација. Ова вечерва во гостување во ТВ Сител го изјави претседателот на Сујозот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, најавувајќи го утрешниот протест поради одлуката за одземање на Работничкиот дом, за, како што вели тој, да ги охрабрат судиите во Врховниот суд и во Основниот граѓански суд да го применат правото.
Според него, разрешницата на нивното барање за повторување на судската постапка ја очекуваат до 1 мај, а ако не се случи тоа, како што рече Трендафилов, не гарантираат како ќе го манифестираат револтот и кои ќе бидат нивните следни активности.
„ССМ моментално води два процеса. Едниот е пред Уставниот суд за заштита на правата за здружување, а другиот е пред Основниот граѓански суд за повторување на постапката за конфискација на имотот. Најмалку што можат судиите да направат е да ја исправат грешката. За 30 години колку што траат сите постапки за конфискација на Работничкиот дом, ова е првата пресуда која е на штета на работниците и во насока да им се одземе тоа што го граделе со сопствени плати. Синдикатите се таму и ќе бидат уште 70 години. Сечиј спротивен обид ќе биде залуден. Решени сме до крај да ја тераме постапката и нема да отстапиме од нашите барања“,
вели Трендафилов.
Според него, пресудата се темели на слободно судско убедување и на закон од 1998 година наменет за здруженија и фондации.
„Тројцата судии ја злоупотребиле својата моќ и ја донеле оваа срамна одлука на штета на целото судство во земјава. Тие ќе имаат многу за објаснување. Очекуваме и знаеме дека има разумни луѓе во Врховниот и во Основниот граѓански суд, каде веќе имаме поднесено барање за повторување на постапката. Ги користиме сите правни лекови, како барање за повторување на постапката кое очекуваме да биде експресно и да заврши до 1 мај. Ако не, не можеме да ги гарантираме активностите што потоа ќе ги преземеме и на каков начин ќе биде изразен револтот на работниците“,
рече тој.
Со пресудата да се одземе Работничкиот дом, како што рече Трендафилов, се прави напад не само врз синдикатот, туку и врз сите организации.
Вториот протест е закажан за 8 април и тој, според Трендафилов, е поради неусогласување на минималната плата.
„Со него ќе се испрати порака дека никој не смее да биде оставен без зголемување на платите, особено сега со покачување на цените и растот на потрошувачката кошничка. Имаме најниска просечна плата во регионот. Граѓаните многу лесно ќе заминат да работат во Црна Гора, БиХ, Србија. Особено сега со Отворен Балкан можат да бираат каде ќе работат“,
рече тој.
Како што рече тој, со платата во март нема да бидат зголемени платите во образованието, здравството, полицијата, зашто не се потпишале колективните договори.
„Протестот на 8 април ќе биде поради незадоволството од непотпишувањето на анексот на Колективниот договор во здравството, но ќе биде и порака до сите дека никој не смее да биде оставен без покачување на платите. ССМ и синдикатите цврсто стојат на ставот дека платите мора да пораснат и клучната порака ќе ја упатиме на големиот протест на 1 мај. Сметаме дека сега е моментот работниците да не молчат, туку да бидат гласни, да не молат, туку да се борат“,
рече Трендафилов.