Според министерот, ставени се во функција две дополнителни базни станици за фотографирање за лични документи и уште една која во наредниот период ќе се користи за одобрување на барањата
Во пунктот „Беко“ при Министерството за внатрешни работи се ставени во функција две дополнителни базни станици за фотографирање за лични документи и уште една која во наредниот период ќе се користи за одобрување на барањата. Ова денеска го соопшти министерот за внатрешни работи во техничката Влада,Панче Тошковски на неговиот фејсбук-профил, а во прилог објави и фотографија од локацијата на пунктот.

Според него, останува и нејасно зошто овие базни станици, иако како што вели, биле функционални, но не се користеле од страна на службите во изминатиот период.

Тошковски на почетокот на месецот најави отворање нов пункт за вадење лични документи кој ќе се наоѓа во склоп на Центарот за обука во Идризово. Тогаш посочи дека за промена на лични документи, од фотографирање до подигнување готова исправа, поминува околу месец и половина, додека за брза постапка тоа е околу 5-6 денови.
Министерот тогаш рече и дека обрасци за печатење најверојатно ќе има за до почетокот на мај.
„Обрасци најверојатно ќе има до 8 мај, до избори или до првата недела од мај. Но, не сакам да го оставам истиот проблем што го затекнав првиот ден. Сакам да обезбедиме континуитет, да има повторно достава на обрасци. Имаме околу 400 илјади обрасци кои треба да се испорачаат до јуни. Целта е од тие 400 илјади да пуштат колку што можат порано, минимум сто илјади за да се задоволи динамиката и да не дојде до застој“,
изјави Тошковски.
Тој вели дека има околу 400 илјади обрасци кои треба да се испорачаат до јуни и додава дека целта е тие да се пуштат колку што може порано, минимум сто илјади за да се задоволи динамиката.
Тошковски вели дека веќе не се фотографираат по 50 илјади пасоши месечно, туку во февруари таа бројка стигнала до 75-80 илјади.
