„На денот кога ја чекаме потврдата на нашите кандидатури за претседател на Република Северна Македонија, сакам да ги поканам кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски на заеднички ифтар со цел во духот на овој месец да разговараме и да се договориме за позитивна, конструктивна кампања и натпревар на идеи за да добиеме европски претседател“, напиша кандидатот на ДУИ за шеф на државата на неговиот фесјбук-профил
Кандидатот на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи, денеска преку објава на социјалните мрежи покани дел од своите протвикандидати на заеднички ифтар за, како што вели, да разговараат и да се договорат за конструктивна кампања и позитивен натпревар на идеи кои ќе го дадат идниот европски претседател на државата.
Сепак, како што може да се прочита од објавата на Османи, поканата не е адресирана до сите кандидати за шеф на државата кои ги собраа потребните потписи за влез во изборната трка, а денеска очекуваат од Државната изборна комисија да ги потврди нивните кандидатури.
Имено, на ифтарска вечера Османи ги кани кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, Арбен Таравари, кој е кандидат поддржан од опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“ и кандидатот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Гестот на Османи не се однесува и не е упатен до кандидатите за шеф на државата на партиите Левица и ГРОМ, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски.
„На денот кога ја чекаме потврдата на нашите кандидатури за претседател на Република Северна Македонија, сакам да ги поканам кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски на заеднички ифтар со цел во духот на овој месец да разговараме и да се договориме за позитивна, конструктивна кампања и натпревар на идеи за да добиеме европски претседател“,
напиша Османи на неговиот фејсбук-профил.
Инаку, на денешниот брифинг за новинари што го организира изборниот штаб на кандидатот на СДСМ и актуелен претседател на државата, Стево Пендаровски, беше соопштено дека тој ќе организира ифтарска и велигденска вечер на која ќе бидат поканети сите претседателски кандидати.
Како новина, од штабот на Пендаровски излегоа со предлог на почетокот и на крајот на кампањата во првиот круг од претседателските избори закажан на 24 април да се одржи по една мастер дебата меѓу кандидатите на неутрален терен.
Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница закажана за во 14 часот треба да ги потврди кандидатурите на седумтемина претседателски кандидати за изборите на 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг).
Кандидатури за претседател на Република Северна Македонија поднесоа актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари поддржан од коалицијата „Вреди“. Најдоцна до 28 март треба да се одржи жребувањето со кое ќе се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче.
Седумтемина кандидати успеаја да се квалификуваат во трката за претседател преку собирање на потребните 10 000 потписи, а неопходниот број граѓански потписи не успеаја да го соберат другите осум кандидати.