На крајот на ноември лани во Тетовско, конкретно на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија
Тетовската полиција во координација со јавен обвинител презема мерки за откривање на сторителите кои поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето, велат од Секторот за внатрешни работи Тетово.
Случајот, како што информираат оттаму, бил пријавен вчера попладне околу 17:30 часот од страна на црковниот одбор при храмот „Свети Атанасиј“. На местото веднаш била испратена полициска екипа која извршила комплетен увид и работи на целосно документирање и расчистување на случајот.
„Уште во текот на вчерашниот ден во вечерните часови двете знамиња се отстранети, односно симнати. Во координација со јавен обвинител работиме на откривање на тие што ги поставиле и причините зошто ги поставиле“,
велат од СВР Тетово за „360 степени“.
На крајот на ноември лани во Тетовско, конкретно на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија.
Настанот беше снимен од камерата за видеонадзор на манастирскиот комплекс, а уште истата вчера на 29 ноември, полициски екипи го уапсија 31-годишниот Ј. А. од тетовска Мала Речица откако беше идентификуван дека учествувал во настанот.
На овој случај му претходеа обвинувања меѓу политичките партии поради поставувањето на 15-метарскиот крст на земјиште на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка.
Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, тогаш заедно со партнерите од коалицијата „Европски сојуз за промени“ – Алтернатива и Демократско движење, побара од Македонската православна црква – Охридска архиепископија самата да го отстрани верското обележје. За поставувањето на крстот жестоко реагираа и од ДУИ и бараа одговорност од Општина Тетово затоа што го дозволила тоа. Шефот на дипломатијата и актуелен кандидат на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи, тогаш изјави дека темата со крстот е предизборна игра на Беса за да се подгреат тензиите. Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека нему не му пречи ниту еден религиозен симбол доколку не е со цел да предизвика меѓуетнички тензии.
Реакции имаше и од партиите од македонскиот политички блок. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека пред да се говори за попречување на правото на верниците да истакнат свој симбол, надлежните институции контролирани од ДУИ и од СДСМ да се позанимаваат со стотиците дивоградби на Попова Шапка кои никнуваат секојдневно.
Порака да не се подгреваат меѓуетнички тензии тогаш стигна и од шефот на државата, Стево Пендарвоски, кој рече дека тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми.
„Лошо е како политичка пракса и како обиди на поединци или политички субјекти да на тоа ќаруваат поени. Тоа е во крајна инстанца опасно. Нема да биде дестабилизирана државата, меѓутоа можат да се влошат меѓуетничките односи меѓу етничките заедници во Македонија и тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми што ги имаме“,
изјави тогаш Пендаровски, кој е кандидат за втор мандат на функцијата шеф на државата.