Столтенберг истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е на власт со децении и никој не очекува дека претстојните претседателски избори ќе доведат до промени во Кремљ
Обидите на Русија да организира избори на окупираните територии во Украина се незаконски и претставуваат прекршување на меѓународното право, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Сетолтенберг, во одговор на новинарско прашање за очекувањата од претседателските избори во Русија, што ќе се спроведуваат од утре до недела.
„Слободни и фер избори се сржта на секоја демократија, а изборите во Русија не се ни слободни ни фер, бидејќи сите знаеме дека опозициски политичари се во затвор, некои се убиени, а многу други се во егзил. На некои, пак, им е оневозможено правото да се кандидираат на изборите. Во Русија нема слобода и независност на печатот, медиумите се изложени на притисоци или затворени“,
истакна Столтенберг на прес-конференцијата на која претходно го презентираше Годишниот извештај на НАТО за 2023 година.
Столтенберг истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е на власт со децении и никој не очекува дека претстојните претседателски избори ќе доведат до промени во Кремљ.
„За време на претходните избори во 2018 година, ОБСЕ, која ги набљудуваше изборите, јасно оцени дека имало ограничувања на основните слободи и при поднесувањето кандидатури, што доведе до недостиг на конкурентност на изборите. Нема причини да веруваме дека сега нешто е подобрено, напротив, сега (Русија) е уште помалку слободна и отворена во однос на 2018 година“,
додаде генералниот секретар на НАТО.
Путин ги повика гласачите да ја одредат иднината на Русија
Русија вчера ги отвори гласачките места во окупираните области на Украина, каде граѓаните ќе го дадат својот глас за руските претседателски избори.
Избирачките места се отворени во областите Запорожје, Керсон, Доњецк и Луганск, области за кои Русија тврди дека се под нејзина контрола.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика граѓаните, вклучително и гласачите во анектираните делови на Украина, да се обединат во одредувањето на иднината на Русија со гласање на претседателските избори оваа недела, на кои, според анкетите, тој повторно ќе победи, јави Ројтерс.
„Само вие, граѓаните на Русија, можете да одлучувате за иднината на татковината. Би сакал да нагласам дека единствениот извор на моќ во нашата земја е народот. Ова е клучна законска одредба на рускиот устав“,
рече Путин во видеообраќање што првпат беше прикажано на рускиот Далечен Исток, а пренесенo од националните новински агенции.
Владимир Путин (71), кој е на власт како претседател или премиер од 2000 година, се соочува со тројца предизвикувачи во трите дена од гласањето, почнувајќи од петок (15 март).
Никој од предизвикувачите не го критикуваше и сите тројца ја поддржуваат „специјалната воена операција“ во Украина, потсетува Ројтерс.
