Изнесувајќи го своето искуство надвор од политиката, Битиќи рече дека оперативен и функционален лизинг во цел свет е најупотребуваниот механизам за службените возила затоа што долгорочно гледано трошоците за одржување се многу помали во тој вид

Владината набавка на 45 возила преку лизинг е во редовната програма чија реализација ќе биде во ноември, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Битиќи на новинарско прашање зошто Владата не се одлучила да купи дел од возилата доколку има пари, рече дека тоа прашање не треба да биде насочено кон него затоа што има служби кои одлучуваат што е поефикасен начин.
„Има служби кои одлучуваат што е поефикасен начин. Таму на прво место се службите кои треба да обезбедат безбедност на луѓето кои се возат во тие возила. Затоа мислам дека прашањето треба да биде насочено кон нив зошто е одлуката да се набават таков вид на возила првично и зошто на лизинг, а не да се купат“,
рече Битиќи.
Изнесувајќи го своето искуство надвор од политиката, Битиќи рече дека оперативен и функционален лизинг во цел свет е најупотребуваниот механизам за службените возила затоа што долгорочно гледано трошоците за одржување се многу помали во тој вид.
„Ако отидете во која било земја на ЕУ, службените возила над 90 отсто се преку одреден лизинг што го користат. Кај нас тоа се уште е туѓо, но мислам дека е пат на ефикасно трошење на ресурси“,
рече тој.
Битиќи, објаснувајќи ја набавката, рече дека тоа е во среднорочниот план и оти таа реално ќе се реализира во ноември.
„Тоа е во среднорочниот план, се знае на колку километри се менуваат службените возила и не се набавуваат сега. Мислам дека би требало во ноември да бидат набавени кога реално ќе се случи реализацијата, но бидејќи е во редовниот план за набавки, во програмите, независно на изборниот процес, државата и институциите функционираат“,
рече Битиќи.