Ова низ солзи и видно вознемирен го кажа Александар Ѓорчевски, осомничен за вмешаност во грабнувањето на неговата 14-годишна ќерка Вања Ѓорчевска, која на почетокот на декември беше пронајдена убиена во околината на Скопје, на денешната јавната седница во Врховниот суд која се одржува по одбиената жалба на Апелацискиот суд за продолжување на мерката притвор
Јас сум поделен на два света – едното дете ми е тука, другото ми го одзедоа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата, важно ми е да има разрешница за да може да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој или ќе се придружам на другиот свет.
Ова низ солзи и видно вознемирен го кажа Александар Ѓорчевски, осомничен за вмешаност во грабнувањето на неговата 14-годишна ќерка Вања Ѓорчевска, која на почетокот на декември беше пронајдена убиена во околината на Скопје, на денешната јавната седница во Врховниот суд која се одржува по одбиената жалба на Апелацискиот суд за продолжување на мерката притвор.
На почетокот на седницата краток осврт на жалбата на одбраната на Ѓорчевски против решението на скопска апелација даде судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која е судија-известител во предметот оформен од Врховниот суд. Таа, меѓу другото, посочи дека одбраната во жалбата укажува дека осомничениот бил подложен на тортура во истражниот затвор „Скопје“, каде што го издржува притворот, односно бил испитуван од лица кои се претставувале како полициски службеници со намера од него да изнудат признание за стореното кривично дело.
Бранителот на Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, во образложението на жалбата кажа дека таа е во духот на Европската конвенција за човекови права бидејќи смета дека во случајот на неговиот клиент станува збор за одреден превентивен притвор, што е спротивно на членот 5 од Конвенцијата. Наведе дека Обвинителството досега не понудило ниту еден доказ што упатува на кривичното дело за кое се товари Ѓорчевски, како и на основаноста да му биде продолжуван притворот. Како што кажа адвокатот, образложенијата врз основа на кои му е продолжен притворот на Ѓорчевски биле аргументирани општо и апстрактно и оти не држат наводите за опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на кривичното дело од страна на Ѓорчевски, кој тоа воопшто не го извршил.
Адвокатот напомена дека психичката состојба на Ѓорчевски, во која преовладуваат симптоми на анксиозност, депресија и лутина поради загубата на сопственото дете, што е нешто најстрашно што може да му се случи на еден родител, не одат во насока на себезаштита, туку на разрешување на целиот случај и одбрана на пристојноста на едно семејство која е уништена.
Туфегџиќ во своето излагање, исто така, кажа дека одбраната во постапката обезбедила шест сведоци кои се испитани, а со кои според него, Ѓорчевски од исчезнувањето на неговата ќерка прибрал снимки од камери за видеонадзор на повеќе објекти кои ги предал на истражните органи.
Обвинителката од републичкото јавно обвинителство, Наталија Тасевска, кажа дека Обвинителството предлага Врховниот суд да ја одбие жалбата на Ѓорчевски бидејќи истрагата сè уште трае, се вештачат телефонски разговори од кои се извлекуваат заклучоци дека осомничениот го сторил кривичното дело.
„Постои висок степен на веројатност дека осомничениот ќе се даде во бегство во оваа фаза на постапката кога сè уште се преземаат дејствија и постои опасност од влијание врз сведоци кои во понатамошниот тек на постапката може да доведе до тоа да ги променат исказите пред судечкиот совет“,
рече обвинителката Наталија Тасевска од републичкото јавно обвинителство.
Единствена мерка со која може да се обезбеди безбедно водење на постапката, според обвинителката, е мерката притвор.
Кривичниот совет на Врховниот суд дополнително ќе донесе одлука по однос на жалбата на одбраната на Ѓорчевски во однос на одлуката за продолжување на мерката притвор.