По неколку неуспешни обиди да се одржи конститутивна седница на градското собрание во Белград, пред една недела беше донесена одлука да се оди на нови избори
Треба да се почитуваат законските рокови за одржување на изборите во Белград, вели српскиот претседател Александар Вучиќ коментирајќи го барањето на опозицијата гласањето да не биде на 28 април. Роковите се совпаѓаат со големиот христијански празник Велигден, па другата опција според него би била изборите да се одржат токму на 5 мај.
„Ако претседателот на српскиот парламент се избере на 11, 12 или 13 март, не е важно, изборите мора да се одржат до 11 или 12 мај. Значи, тие можат да се одржат на 28 април, во законскиот рок помеѓу 45 и 60 дена. Па може да бидат на 28 април или на 5 мај. А на петти е Велигден. Сакате да имаме избори на Велигден?“,
изјави Вучиќ.
Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата за изборни манипулации и посочи дека Србија е единствената земја во светот која ја повика ОДИХР на локални избори. Вучиќ истакна и дека е задоволен што се прифатени две препораки на ОДИХР и што е започната нивната имплементација.
„Едната се однесува на јавниот простор, сите партии да имаат право, сите учесници на изборите ќе имаат исто право да го користат секој јавен простор, секоја зграда, секој центар на културата, сите под исти услови. И таа контакт-група беше дадена преку Министерството на локалната самоуправа, како и на кој начин тоа да се регулира,“
рече Вучиќ.
По неколку неуспешни обиди да се одржи конститутивна седница на градското собрание во Белград, пред една недела беше донесена одлука да се оди на нови избори.
На 28 февруари ОДИХР го објави конечниот извештај за изборите на 17 декември. Во него се вели „на вонредните избори во Србија доминирало решително учество на претседателот, кој заедно со систематската предност на владејачката партија создал нефер услови за учесниците“.