Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, најавува повлекување од политиката. Тој порача дека претстојните локални избори закажани за крајот на март ќе бидат последни на кои ќе учествува. Како што пренесува агенцијата Анадолија, Ердоган на состанокот со претставниците на Турската младинска фондација кажал дека 31 март е многу важен датум и дека ќе биде еден вид пресвртница.
„За мене ова е финале. Со овластувањата дадени со законот, ова се мои последни избори, но резултатот што од нив ќе произлезе ќе биде пренесување на довербата за моите браќа кои ќе дојдат по мене“,
рече Ердоган.

Ердоган со неговата партија АКП владее повеќе од 20 години. Тој беше премиер на Турција од 2003 до стапувањето на претседателската функција во 2014 година.