Тешко ранета жена, државјанка на Србија, била пренесена во Здравствениот дом во Врање, а потоа во придружба на Брза помош била пренесена во Универзитетскиот медицински центар Ниш

Во пукање во близина на наплатната рампа кај Прешево, Република Србија, тешко ранета е 30-годишна жена, а 52-годишниот маж кој пукал во неа се самоубил, пренесуваат српските медиуми.
Тешко ранета жена, државјанка на Србија, била пренесена во Здравствениот дом во Врање, а потоа во придружба на Брза помош била пренесена во Универзитетскиот медицински центар Ниш.
Од Универзитетскиот медицински центар Ниш соопштено е дека таа во нивниот објект пристигнала половина час по полноќ во придружба на екипа на Брза помош Врање. По извршениот преглед, примарната здравствена заштита и дијагностика, констатирани се повреди на душникот, вратните пршлени, како и контузија на белодробното крило на левата страна, информираат од Универзитетскиот медицински центар Ниш, пренесува српскиот медиум Н1.
На жената веднаш ѝ била укажана хируршка интервенција, по што е хоспитализирана на Клиниката за интензивна нега на Универзитетската болница Ниш.
Како што пренесува националната српска телевизија РТС, од Вишото јавно обвинителство Врање добиле потврда дека мажот (1972) е државјанин на Северна Македонија, а жената е од Србија (1994).
Тие биле заедно во автомобилот, а по кратка расправија девојката излегла од автомобилот и почнала да бега по што мажот испукал неколку куршуми кон неа, а потоа си пукал во глава.
