Стано посочува дека позицијата на ЕУ останува непроменета и таа нема да признае никакви промени на границите од пред 1967 година, вклучително и во однос на Ерусалим, освен оние што ќе ги договорат страните
Европската Унија го осудува одобрувањето на плановите за изградба на над 3 426 станбени единици за дополнително проширување на илегалните еврејски доселенички населби на окупираниот Западен Брег и го повикува Израел да ја повлече ова одлука, соопшти портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во објава на социјалната мрежа Икс.
„ЕУ повторува дека населбите се илегални според меѓународното право и претставуваат пречка за мирот, бидејќи го загрозуваат решението за создавање две држави. Понатаму, проширувањето на населбите целосно не е во согласност со тековните напори за намалување на тензиите, што е уште поважно пред претстојните верски свечености Рамазан, Пасха и Велигден“,
се наведува во реакцијата.
Israel: ??condemns the approvals for advancing over 3k housing units to further expand illegal settlements across occupied West Bank. EU urges ?? to reverse this. Settlements = obstacle to peace & entirely inconsistent w/efforts to reduce current tensions https://t.co/zqv2ZlsH3A
— Peter Stano (@ExtSpoxEU) March 7, 2024
Стано посочува дека позицијата на ЕУ останува непроменета и таа нема да признае никакви промени на границите од пред 1967 година, вклучително и во однос на Ерусалим, освен оние што ќе ги договорат страните.
Израелската влада објави планови за изградба на повеќе од 3 400 нови домови во населбите на Западниот Брег.
Околу 70 отсто од куќите ќе бидат изградени во Мале Адумим, источно од Ерусалим, а останатите во блиските Кедар и Ефрат, јужно од Витлеем, пишува Би-би-си.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази разочарување од одлуката и изненади многу набљудувачи со изјавата дека САД ги сметаат населбите нелегални, враќајќи се на позицијата што ја смени администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп во 2019 година.
„Долгогодишната американска политика под републиканската и демократската администрација беше дека новите населби се контрапродуктивни за постигнување траен мир. Тие, исто така, не се во согласност со меѓународното право. Нашата администрација цврсто се противи на проширувањето на населбите. И според нашето мислење, тоа само ја ослабува, а не ја зајакнува безбедноста на Израел“,
изјави тој за новинарите во Аргентина.