При нападот на вооружените банди во затворите, се верува дека се ослободени околу 4 000 затвореници, а меѓу нив и членови на бандата обвинета за убиството на претседателот Жовенел Мојзе во 2021 година
Владата на Хаити прогласи 72-часовна вонредна состојба и воведе полициски час по неколкудневните насилства во главниот град што кулминираа со напад на двата најголеми затвора во земјата.

При нападот на вооружените банди во затворите, се верува дека се ослободени околу 4 000 затвореници, а меѓу нив и членови на бандата обвинета за убиството на претседателот Жовенел Мојзе во 2021 година.
Владата на Хаити најави дека ќе започне потрага по затворениците за кои се верува дека избегале од затворите.
„На полицијата ѝ беше наредено да ги искористи сите законски средства што ѝ се на располагање за да го спроведе полицискиот час и да ги фати сите престапници“,
рече министерот за финансии Патрик Боиверт, кој ја извршува функцијата вршител на должноста премиер.
Насилните судири меѓу вооружените банди и полицијата доаѓаат по налетот на насилни протести кои тлееја некое време, но се зголемија во последните неколку дена кога премиерот Ариел Хенри отпатува за Најроби, Кенија, за да разговара за испраќање мултинационални безбедносни сили предводени од Кенија на Хаити.
Насилството во Хаити е актуелно по атентатот на претседателот Жовенел Мојзе во неговиот дом во 2021 година. Негов наследник сè уште не е избран, а избори не се одржани од 2016 година. Според политичкиот договор, премиерот требаше да се повлече до 7 февруари, но тоа не се случи и тој остана на функцијата.
Обединетите нации (ОН) објавија дека повеќе од 8 400 луѓе биле жртви на насилство на банди на Хаити минатата година, вклучувајќи убиства, повреди и киднапирања, што е двојно повеќе од бројот регистриран во 2022 година.