Од партијата соопштуваат дека во периодот што следува ќе направат „реминисценција на случаи во кои Пендаровски си го погазил својот личен збор и интегритет“
Откако Извршниот одбор на СДСМ синоќа одлучи да го поддржи Стево Пендаровски во трката за втор претседателски мандат, од ВМРО-ДПМНЕ утрово излегоа со коментар во кој велат дека актуелниот шеф на државата е човек без кредибилитет и интегритет кој го погазил достоинството на народот и на Македонија.

„Најдобар опис за неговиот карактер е еден бениген пример околу неговата кандидатура за претстојните избори. Пишман Стево Пендаровски успеа да постави рекорд и сам себе да се надмине, односно сам себе да се демантира. Пендаровски на 6 декември на пладне одговори дека не планира да се кандидира повторно за претседател на изборите закажани за 8 мај следната година, а веќе после еден до два часа да испратат соопштение од неговиот кабинет и да го дообјаснуваат. Или ова е случај на феноменот Стево го демантира Пендаровски, или некој насила го тера пак да се кандидира затоа што во СДС никој не се нафаќа да ги изгуби изборите“,
се наведува во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата соопштуваат дека во периодот што следува ќе направат „реминисценција на случаи во кои Пендаровски си го погазил својот личен збор и интегритет“.
Извршниот одбор на СДСМ во проширен состав вчера на седница во Штип одлучи поддршката на претстојните претседателски избори да му ја даде на актуелниот шеф на државата, затоа што сите анализи, разговори и спроведени истражувања покажале дека тој е профилот за иден претседател кој ѝ е потребен на државата.
„Во досегашниот мандат Пендаровски го врати угледот, интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател на државата и покажа што значи да се биде вистински претседател за сите граѓани. Пендаровски е претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност“,
соопштија вчеравечер од СДСМ.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пред да се случи седницата на Извршниот одбор, во гостување на ТВ Сител најави дека раководството вечерва ќе го предложи Стево Пендаровски за кандидат за претседател на состанок на Извршниот одбор кој треба да ја донесе одлуката и како таква да ја предложи до Централниот одбор на партијата.
Инаку, одлуката да го поддржи Пендаровски за кандидат за претседател на државата раководството на СДСМ првично ја донесе на 21 февруари.
Актуелниот шеф на државата сè уште не се изјаснил дека ќе се бори за втор мандат. Изминатиот период повеќемина јавни личности му дадоа поддршка на Пендаровски за втор претседателски мандат.
Доколку прифати, кандидатурата на Пендаровски треба да биде официјализирана на конвенцијата на СДСМ закажана за в недела (3 март).
Еден ден претходно конвенција ќе одржи ВМРО-ДПМНЕ на која официјално ќе го промовира својот кандидат за претседател на државата, универзитетската професорка во пензија и актуелна пратеничка во Собранието, Гордана Силјановска-Давкова.