Проблемите од финансиска природа, кадровската екипираност на јавните обвинителства и соработката со останатите институции биле останатите теми на работната средба што Коцевски денеска ја одржал со шефовите на сите основни и виши јавни обвинителства
Новиот републички јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска на работна средба со шефовите на основните и вишите јавни обвинителства побарал обвинителите проактивно да ги презентираат во јавноста резултатите од работата по конкретни предмети, со цел враќање на довербата во јавното обвинителство.

Според соопштението на Обвинителството, Коцевски на средбата ги презентирал приоритетите од програмата за својот шестгодишен мандат, во кои, како што се наведува, особен акцент е ставен на транспаретноста и отчетноста
„Со особен акцент на транспарентноста и отчетноста, како основ за јакнење на самостојноста на јавните обвинители во постапувањето и за враќање на довербата во јавното обвинителство, Коцевски побара од обвинителите проактивно презентирање во јавноста на резултатите од работата по конкретни предмети. Во таа насока особено беше истакната улогата на основните јавни обвинителства“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
На состанокот, се додава, било разговарано и за проблемите од финансиска природа, кадровската екипираност на јавните обвинителства и соработката со останатите институции.
„На средбата стана збор и за проблемите од финансиски аспект со оглед на фактот дека Јавното обвинителство не располага со целиот буџет и нема функционална независност на финансиските средства, недоволната материјална и кадровска екипираност на јавните обвинителства, но и за соработката со останатите институции“,
информираат од Обвинителството.
Јавните обвинители, исто така, биле запознати и со начинот и динамиката на функционирање на Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности во претстојниот изборен процес.
Инаку, дека транспаретноста на Јавното обвинителство ќе биде еден од неговите главни приоритети Коцевски најави во својата прва изјава за медиумите, откако на 15 февруари ја даде свечената изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески.
„Ценам дека самата транспарентност ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста на јавните обвинители во нивната работа и секако тоа ќе ја подобри самата доверба во јавноста. И ценам дека јавното обвинителство треба да го заслужи местото да биде навистина единствениот орган којшто се бори против корупцијата. И ценам дека ова што го ветувам и дека ќе го исполнам“,
изјави тогаш Коцевски.
Два дена претходно, односно на 13 февруари, тој со 62 гласа „за“ беше именуван за нов државен јавен обвинител, откако на неговиот претходник Љубомир Јовески мандатот му истече на 25 декември, лани.
