Минатиот четврток ВМРО-ДПМНЕ до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кого го посочуваат како лично и директно одговорен за хаосот со личните документи. Претходно кривична против ексминистерот и МВР поднесе и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски. На денешната средба со актуелниот министер за внатрешни во техничката влада, државниот јавен обвинител посочил дека доколку бидат утврдени обележја на кривично дело ќе постапи согласно своите законски надлежности
Проблемот со издавањето на личните документи и кривичните пријави кои минатата недела ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски биле, меѓу другото, темите на кои денеска разговарале новоименуваниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

На средбата во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, како што информираат оттаму, Тошковски најавил анализа на постапките во Министерството за внатрешни работи кои довеле до неможноста граѓаните навреме да ги заменат личните документи.
„Министерот за внатрешни работи го извести јавниот обвинител на РСМ за проблемот со издавањето на личните документи и за напорите за негово надминување. Тошковски најави дека ќе направи внатрешна анализа на постапките и чекорите во рамките на МВР и ќе ја достави до обвинителството заедно со целокупната документација поврзана со активностите кои довеле до неможност за навремена замена на личните документи на граѓаните“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство за средбата.
Државниот јавен обвинител нагласил дека Обвинителството ги следи состојбите и ги проверува наводите во кривичните пријави.
„Доколку бидат утврдени обележја на кривично дело, ќе постапи согласно своите законски надлежности“,
се вели во соопштението.
Имено, минатиот четврток ВМРО-ДПМНЕ до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кого го посочуваат како лично и директно одговорен за хаосот со личните документи.
„Оливер Спасовски, во својство на министер за внатрешни работи, во период од околу две и пол години издавал лични документи коишто знаел и бил свесен дека нивната важност нема да биде во рок колку што е ставен во документите, туку истите ќе престанат да важат на 12.02.2024 година. Имено, тој овој период од 12.02.2019 па сè до средината на 2021 година, свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи, коишто впрочем ги издаваат овие документи, нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета“,
изјави пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Според него, Спасовски извршил злоупотреба на службената положба и овластувања и несовесно работење во службата.

Јанушев тогаш рече оти очекуваат од Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава и да отвори истрага за Спасовски.
Кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и против Министерството за внатрешни работи, поради набавката на стари обрасци за издавање лични документи со тогаш веќе неуставното име на државата „Република Македонија“, поднесе и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски.
Спасовски еден ден подоцна во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма рече оти не чувствува лична одговорност за ситуацијата со издавањето на личните документи и дека додека бил министер биле создадени сите услови граѓаните навреме да ги заменат старите лични документи со документи на кои стои новото уставно име на државата, согласно Преспанскиот договор.
Условите, според Спасовски, биле создадени од 1 јули 2021 година, а по овој датум, како што додава, не се издавале документи со стари обрасци.
„Не може никого вие сами да го натерате да ги извади документите во 2021 година, во 2022 година или во 2023 година. Апсолутно не сакам да фрлам вина на граѓаните. Меѓутоа, секој еден граѓанин имал можност од 1 јули (2021 година) да започне со промената на личните документи“,
порача поранешниот министер за внатрешни работи.
Инаку, на денешната средба Коцевски и Тошковски разговарале и за активностите на двете институции во врска нивните надлежности околу следењето на изборите и санкционирањето на евентуални нерегуларности.

„Коцевски го запозна Тошковски со активностите на Комисијата за следење на нерегуларностите кои евентуално би биле сторени при организирањето и спроведувањето на претстојните избори, како и со дадените насоки до сите јавни обвинителства за приоритетно постапување во сите предмети поврзани со нарушување на изборниот процес“,
велат од Јавното обвинителство.
Во оваа насока, била нагласена потребата од тесна координација и соработка со Министерството за внатрешни работи и со Оперативниот штаб на МВР за следење на текот на изборите.
