Сестрата на Ким и висок функционер во Пјонгјанг, Ким Јо Џонг, му се заблагодарила на Путин во име на нејзиниот брат и посочила дека подарокот служи како јасна демонстрација на посебните лични односи меѓу врвните лидери на Северна Кореја и Русија
Рускиот претседател Владимир Путин му подарил автомобил на својот севернокорејски колега Ким Џонг Ун во знак на нивните посебни лични односи. Оваа вест денеска ја објавиле севернокорејските државни медиуми, а ја пренесува Си-ен-ен, коментирајќи го овој гест на Путин како знак на затоплување на односите меѓу двете земји, што според многумина познавачи на состојбите на двете држави, може да предизвика загриженост кај САД.

Автомобилот е од руско производство и е наменет за лична употреба на Ким. Државната Корејска централна новинска агенција (КЦНА) објавила дека возилото било испорачано пред два дена од страна на руска делегација.
Сестрата на Ким и висок функционер во Пјонгјанг, Ким Јо Џонг му се заблагодарила на Путин во име на нејзиниот брат и посочила дека подарокот служи како јасна демонстрација на посебните лични односи меѓу врвните лидери на Северна Кореја и Русија.
Според анализите на експертите, пренесува Си-ен-ен, претставниците на американските разузнавачки служби се повеќе се загрижени за долгорочните импликации на она што се чини дека е ново ниво на стратешко партнерство меѓу Северна Кореја и Русија.
Се смета дека Русија во последниве недели врз украински цели постојано истрелува балистички ракети со краток дострел доставени од Северна Кореја.
Во јануари годинава високи севернокорејски и руски дипломати се сретнале во Москва пред, како што велат севернокорејските државни медиуми, претстојната посета на Путин на Пјонгјанг, која е негова прва посета по повеќе од 20 години. И Ким ја посетил Русија на самит со Путин во септември, каде што ја одобри војната на Кремљ против Украина и рече дека секогаш ќе биде за Русија.
Како што пренесува Си-ен-ен, подарокот на Путин потенцијално ги прекршува санкциите на Обединетите нации наметнати на Северна Кореја поради нејзината програма за нуклеарно оружје. Но, забраната за продажба на луксузни стоки во земјата не го спречува Ким низ годините да се појавува во различни возила од висока класа.
Сепак, според американските медиуми, севернокорејскиот лидер често може да се види во возило, како што се верува, оклопна лимузина „мерцедес-мајбах пулман гард“, вредна над 1 милион долари.
Во 2018 година Ким пристигнал на состанок со американски официјални лица со црн Ролс-Ројс.
Според Центарот за напредни одбранбени студии со седиште во Вашингтон, истата година од Холандија биле испорачани две оклопни возила „мерцедес-мајбах С600 гард“ во Северна Кореја веројатно за лична употреба на Ким.
Центарот, исто така, објави дека Пјонгјанг увезол повеќе од 800 луксузни возила само во периодот од 2015 до 2017 година – повеќето потекнуваат од руски компании.
За време на посетата на Ким на Русија минатиот септември, Путин му ја покажал на севернокорејскиот лидер својата лимузина, направена од рускиот производител на луксузни автомобили Аурус.
И поранешниот американски претседател Доналд Трамп, му овозможил на Ким да ја погледне претседателската лимузина „кадилак“ со прекар „ѕверот“ за време на нивните разговори во Сингапур во 2018 година.