Тој рече дека ваквиот потег доаѓа по неодамнешните разговори во меѓународната заедница за обид за еднострано признавање палестинска држава
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека неговата влада ќе гласа за декларативно решение, односно спротивставување на Израел на секакво еднострано прогласување на палестинската државност. Со ова, вели тој, ќе се искаже позицијата на Израел дека категорично се отфрла меѓународниот диктат за постојан договор со Палестинците и дека таков договор може да се постигне само со директни преговори помеѓу двете засегнатите страни, без никакви предуслови.
„Овој потег доаѓа по неодамнешните разговори во меѓународната заедница за обид за еднострано признавање на палестинска држава“,
рече Нетанјаху.
Во меѓувреме, израелската армија утринава соопшти дека убила десетици палестински борци и запленила значителен број оружја за време на борбите низ Појасот Газа во изминатите 24 часа.
Израел ја концентрираше својата воена кампања во јужниот град во енклавата Кан Јунис каде што, според информациите на одбранбените сили, на пешадијата во борбите им приклучиле тенкови и борбени авиони.
„Во текот на изминатите 24 часа беа елиминирани десетици милитанти и запленети се големи количини оружје“,
се вели во официјалното соопштение на израелската армија.
Исто така, се вели дека израелските специјални сили сè уште дејствуваат во областа околу и внатре во болницата „Насер“ во Кан Јунис, за која генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека не работи по еднонеделната опсада на израелската војска и рацијата која се уште трае.
„Вчера и завчера на тимот на СЗО не му беше дозволено да влезе во болницата за да ја процени состојбата на пациентите и критичните медицински потреби, и покрај тоа што стигна до болничкиот комплекс за да достави гориво, заедно со партнерите“,
објави Гебрејесус на платформата „Икс“.
Според него, во таа болница има уште околу 200 пациенти, а најмалку 20 од нив мора итно да бидат препратени во други болници за да добијат соодветна здравствена заштита бидејќи, како што истакна, медицинската нега е право на секој пациент, пренесува палестинска новинска агенција.
Палестинската Црвена полумесечина денеска соопшти дека израелските сили истрелале артилериски гранати на третиот кат на болницата „Ал-Амал“ во Кан Јунис.
Под силен израелски артилериски оган е и околината на болницата „Ал-Амал“, која предизвика материјална штета, се наведува во соопштението на палестинската Црвена полумесечина.