Донесено е и решение со кое се укинува времената мерка – забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство
Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која беше осомничена за случајот „Друмарина“ за измама во службата, е ослободена од обвинение, соопшти денеска Основниот кривичен суд – Скопје.
„Основниот кривичен суд Скопје, денеска (16.02.2024 год.) на јавна расправа, ја објави пресудата за кривичниот предмет со К.бр. 2799/20, во јавноста познат како ‘Друмарина’, против обвинетата С.Б. за кривичното дело измама во службата од чл. 355 ст. 3 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ со која обвинетата ја ослободи од обвинение. Според првостепената, неправосилна пресуда, судот утврди дека јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое и се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор“,
се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Кривичниот суд.
Донесено е и решение со кое се укинува времената мерка – забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на обвинетата и нејзиното семејство.
„Против првостепената пресуда и решението, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата и три дена по прием на решението, преку овој суд до Апелациониот суд – Скопје“,
се вели во соопштението.
Обвинителството ја гонеше експратеничката со тврдења дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка.
Според Обвинителството, лажните фискални сметки биле поднесувани во периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година.
„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари“,
се тврдеше во обвинението.
Бонева, пак, ги отфрли ваквите обвинувања.
„Со 6 967 докази и 28 сведоци ќе докажам пред судот и пред јавноста дека обвинението покренато против мене е невистинито и паушално, исто како што беа и големите лаги дека сум била рекордер во земањето патни трошоци, дека сум купила станови со криминални пари“,
рече Бонева на почетокот на судскиот процес.
Истрагата за овој случај, познат како „Друмарина“, ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а по примопредавањето на предметите во редовните обвинителства, случајот стана надлежност на ОЈО Скопје. Обвинението беше поднесено на 4 септември 2020 година.
