Министерот Наќе Чулев се огласи на “Фејсбук” за снимката од теретана која се појави на социјалните мрежи, а на која се гледа Христијан Мицкоски, во придружба на актуелниот командир на полициската единица “Тигар” во улога на негов телохранител. Чулев вели дека бил направен увид во видео-надзорот од фитнес-центарот за периодот од 1 до 27 април и оти ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ниту двајцата припадници на МВР кои се со него, ги нема на снимките од тој период.
„Исто така, извршени се службени разговори со полициските службеници во ЕВР Аеродром и Драчево и со неколку вработени во теретаната, кои потврдиле дека истата не работи по донесувањето на мерките од Владата и дека на снимките ги нема известувањата дека објектот не работи т.е. дека снимките се постари. Една од вработените посочила и дека снимката е од 20.10.2019 кога последен пат заедно ги видела во теретаната Х. М и полициските службеници. Дека се работи за настан од 20.10.2019 изјавиле и полициските службеници, кои појасниле дека тој ден извршувале работни задачи на обезбедување на претседател на политичка партија, што било потврдено и по увидот на системот на вработените лица во МВР“,
вели Чулев.
Министерот наведува и изјава на една вработена која кажува дека на снимката се гледа шкаф без врата, а врата на шкафот била ставена во ноември 2019 г., што значи дека снимката е пред тој период.
„Врз основа на преземените мерки, Одделот за внатрешна контрола смета дека наводите изнесени на социјалните мрежи во врска со постираниот видео-запис се неосновани, односно нема прекршување на одлуката за ограничување на движењето од страна на конкретните лица. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и медиумите да се воздржат од пласирање и објавување неточни и невистинити вести и информации“,
напиша Чулев.
Мицкоски, исто така, тврдеше дека станува збор за стара снимка од пред најмалку шест месеци.
За разлика од него, СДСМ реагираше дека на снимката се гледа дека лицата кои се во друштво на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, носат ракавици и маски, алудирајќи дека видеото е од понов датум.
*Поврзани вести:
Се појави нова снимка од Мицкоски во теретана, тој тврди дека е стара најмалку 6 месеци