Соговорниците, информираат од владината прес-служба, констатирале и дека обновениот моментум на ЕУ за проширување е добредојден и оти треба да биде поттик за спроведување реформи во земјите од Западниот Балкан, со фокус на Планот за раст на Западен Балкан и побрза интеграција во Европската Унија

Размена на ставови за поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграции на Северна Македонија, како и за текот на реформските процеси во земјата кои се од исклучителна важност за напредокот било она за што разговарале премиерот на техничката Влада на РСМ, Талат Џафери и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на денешната средба во Брисел.
Како што информираат од владината прес-служба, соговорниците констатирале и дека обновениот моментум на ЕУ за проширување е добредојден и оти треба да биде поттик за спроведување реформи во земјите од Западниот Балкан, со фокус на Планот за раст на Западен Балкан и побрза интеграција во Европската Унија.
Според Џафери, ЕУ перспективата останува главен двигател на промените, но и помирувањето во Регионот.
„Двајцата соговорници на средбата истакнаа дека Северна Македонија негува одлични односи со сите земји од Западен Балкан. Минатата година, како земја претседавач со ОБСЕ, Северна Македонија потврди дека во континуитет е кредибилен партнер на ЕУ и на меѓународната заедница. Премиерот Џафери упати благодарност до претседателот на Европскиот совет, Мишел за поддршката во процесот на европско интегрирање на земјата“,
се вели во соопштението од владината прес-служба.
На средбата на Џафери и Мишел присуствуваа и првиот заменик на претседателот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На средбата, се додава во денешното соопштение од Владата, Мишел нагласил дека претстојниот период е од исклучителна важност за државата која треба да спроведе европски избори и да го задржи европскиот правец.
