Педесет и петгодишниот Стуб, кој беше премиер во 2014 и 2015 година и ја започна својата кариера како пратеник во Европскиот парламент, ќе стане 13. претседател на Финска од независноста на земјата
Експремиерот на Финска, Александар Стуб, стана нов претседател на државата откако во вториот круг од претседателските избори во неделата го победи својот противкандидат Пека Хависто.

Со преброени повеќе од 99 отсто од гласовите, кандидатот на десниот центар Стуб, од конзервативната Национална коалициска партија, доби 51,6 отсто од гласовите, додека независниот кандидат Хависто, од Зелената левица, освои 48,4 отсто од гласовите.
Хависто (65) го призна поразот и му честиташе на Стуб во градското собрание на Хелсинки, каде што кандидатите и медиумите ги следеа изборните резултати кои ги пренесуваше финскиот јавен радиодифузен сервис.
Педесет и петгодишниот Стуб, кој беше премиер во 2014 и 2015 година и ја започна својата кариера како пратеник во Европскиот парламент, ќе стане 13. претседател на Финска од независноста на земјата.
Најважната задача на новиот шеф на државата ќе биде управувањето со надворешната и безбедносната политика на нордиската земја, која по руската инвазија на Украина е членка на НАТО. За разлика од повеќето европски земји, претседателот на Финска ја држи извршната власт во свои раце и заедно со владата формира надворешна и безбедносна политика, особено во однос на земјите надвор од ЕУ, како што се САД, Русија и Кина.