Поради сплет на повеќе околности, предлог-измените на законот со кои се ограничува важењето на личните карти со старото уставно име до 12 февруари 2024 година не поминаа во Собранието во летото 2021 година и останаа заглавени до ден денес
Во исто време, пак, со измените на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, старите пасоши со името Република Македонија добија рок на важење до 12 февруари 2024 година. Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, пак, ист таков рок на важност до 12 февруари 2024 година добија старите возачки дозволи, со името Република Македонија
Датумот е 20 август 2021 година, петок. Владата има седница на која единствена точка е, во тој момент, клучно прашање. Веќе два месеца во земјата е закочено издавањето лични карти.
На што се должи застојот? Во детали ќе прочитате подолу. За почеток, важно е дека Владата по таа 100. седница, одржана на 20 август 2021 година, излезе со соопштение со кое најави решение на проблемот.
И навистина, веднаш по викендот, продолжи издавањето на личните карти. Тоа се и првите лични карти кои на себе го имаат новото уставно име на државата – Република Северна Македонија.
А што беше проблемот?
Проблемот датира од крајот на 2020 година. Пред Нова година, пратеничката група на политичката партија Беса поднесе предлог-измени и дополнувања на Законот за лична карта со кои ќе се овозможи во овој документ да фигурира и етничката припадност на носителот на исправата. Навидум контроверзната идејата не беше нова. Беса ги бараше измените подолго време и, според заедничкото соопштение на СДСМ и Беса од јануари 2019 година, тоа било услов за партијата да даде амин за уставните измени по Договорот од Преспа. Услов што беше прифатен од СДСМ.
Сепак, СДСМ, со која Беса настапи заедно за изборите одржани летото во 2020 година и со која оттогаш беше во Владата, првично не го прифати предлогот кога тој стигна во Собранието. Во мислењето на премиерот Зоран Заев испратено до спикерот Талат Џафери на 12 февруари 2021 година, меѓу другото, се вели:
„Веродостојноста на сите наведени податоци во личната карта… МВР може да ги провери од воспоставените евиденции… Спротивно на наведеното, во Република Северна Македонија не е предвидена постапка за утврдување на националноста… ниту има посебна евиденција која е во надлежност на одредена институција од каде би можело да се добие наведениот податок“.
Со други зборови, Владата јасно најави дека нема намера да го поддржи коалицискиот партнер, а три недели претходно поднесе и своја верзија на предлог-измени на истиот закон. Без СДСМ, во теорија, Беса можеше само да калкулира со евентуална поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за да добие доволно гласови. Најголемата опозициска партија излезе со став дека нема проблем етничката припадност да стои во личната карта, но поддршката ја услови со отстранување на името Северна Македонија од предлог-законот. На крај, Левица го „закопа“ предлогот на Беса со над илјада амандмани.
Опозиција во власта
Предлог-измените на Законот за лична карта на Владата се донесуваа на две работи. Прво, со нив се вршеше усогласување со Законот за јазиците. Односно, образецот и податоците во личната карта освен на македонски, да можат да бидат и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.
Но, клучно за овој текст, беше предвиден и член со кој се пропишува дека личните карти со Република Македонија „издадени до денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе важат… најдоцна до 12 февруари 2024 година“.
Но, бидејќи СДСМ не го поддржа предлогот на Беса за измена на Законот за личната карта, Беса не го поддржа предлогот на Владата, иако беше дел од неа. А, бидејќи кон предлогот на Беса веќе се беа приклониле опозициските партии на Албанци, законот го помина само првото читање и никогаш не стигна до второ читање на пленарна седница на парламентот.
Решението
Додека траат преговорите за Законот за лична карта, во Собранието поминуваат измени на два други закона кои имаат директна врска со Договорот од Преспа. Со измените на Законот за патните исправи, се вметнува одредбата дека пасошите со името Република Македонија издадени пред 1 јули 2021 година, ќе важат до 12 февруари 2024 година. Истата одредба се додава и за возачките дозволи, со измените на Законот за безбедноста на патиштата.
Измените на овие два закона се објавени во „Службен весник“ во јуни 2021 година, затоа што планот на Владата е веќе од 1 јули 2021 г. да почне да издава документи со новото име на државата. А со тоа доаѓа и новиот, ограничен рок на важност, на старите документи.
Бидејќи измените на Законот за лична карта, за тоа време, се заглавени во Собранието, а граѓаните аплицираат за нови лични карти, МВР престанува со издавање нови документи во исчекување на ново законско решение. На крај, МВР и Владата наоѓаат „решение“ за проблемот. И покрај тоа што во Законот за лична карта и во тој момент и сега на сила е членот 5 кој пропишува дека образецот на лична карта го содржи името „Република Македонија“, МВР носи подзаконски акт во кој пропишува дека образецот го содржи името „Република Северна Македонија“.
И така, ем личните карти добија „право“ да го носат новото уставно име ем не добија ограничен рок на траење – до 12 февруари 2024 година.