Лидерот на СДСМ смета и дека иднината на државата не може да зависи од еден човек или од една политичка партија, тоа е сепак општествен процес
Европскиот фронт за кој се залагаме постои и тоа се гледа на дело. Не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Арбен Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата, изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски по денешната прес-конференција со претседателот на Социјалдемократската партија на Германија Ларс Клингбеил, прашан дали по разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество се уште постои европскиот фронт за кој тој се залага.

Според него, ваков фронт постои, посочувајќи дека има мнозинство во Парламентот, кое се залага за евроинтеграција на државата.
„Апсолутно дека постои и вие тоа го гледате и на дело. Ние имаме мнозинство во Парламентот кое се залага за евроинтеграција на државата. Во нашата држава има политички партии кои што се за европска интеграција на државата. Ние не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата. Сепак, се работи за политичар од Гостивар кој е успешен доктор, кој прави свои политички калкулации“,
рече Ковачевски.
Порача дека не треба да се заборави дека СДСМ е најголемата партија и е во коалиција со либералите, со зелените и со голем број на други политички партии кои имаат идеолошки концепт.
„Тоа се партии кои обезбедија членство во НАТО, обезбедија отпочнување на преговорите со ЕУ. Тоа се политички партии кои ќе обезбедат целосно зачленување на Северна Македонија во ЕУ“,
вели Ковачевски.
Според Ковачевски, без СДСМ нема европска Македонија. Тој потенцираше дека СДСМ ќе биде секогаш тука за подобрување на животниот стандард за интеграција на државата.
Лидерот на СДСМ смета и дека иднината на државата не може да зависи од еден човек или од една политичка партија, тоа е сепак општествен процес.
„Мислам дека господинот Таравари не е клучен за иднината на државата“,
изјави Ковачевски.
Алијанса за Албанците денеска ќе го одржи Централното собрание, закажано уште минатата недела од претседателот на ова тело во партијата, Зијадин Села, на кое најави дека ќе се бара одговорност за претседателот на АА, Арбен Таравари.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена одржа состанок во Куманово со членови на Централното собрание на кој и официјално беше одлучен заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците.
