Непосредно пред гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала, па двете одлуки беа донесени без ниту еден глас „против“ или „воздржан“
По речиси десетчасовна расправа и по многу директни вербални пресметки меѓу власта и опозицијата, вечерва со 62 гласа „за“, Собранието одлучи да ги разреши владините министри за здравство и за информатичко општетсво и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Непосредно пред гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала, па двете одлуки беа донесени без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Собранискиот спикер Јован Митрески, непосредно пред притискањето на копчињата, потсети дека за да се разреши министер е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, што беше постигнато во двата случаја.
Поголемиот дел од денешната собраниска расправа помина во обраќања на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои забележуваа дека реконструкцијата на техничката влада е европски политички преседан. Речиси сите пратеници на ВМРО изразија поддршка за Меџити и Алиу оти, како што рекоа, се спротивставиле на „политиките на Артан Груби во Владата“.
Токму Груби беше посочен како главен предизвикувач на поделбите во Владата, но и како човек што ги држи сите конци во неа и покрај тоа што Талат Џафери е премиер. Овој став, во поладневниот дел од расправата, го изнесуваа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и разрешениот министер Азир Алуи во своето обраќање.
Алиу, кој изнесе повеќе информации за опструкции што ги имал, како што рече, од страна на ДУИ, но и за тоа што се случувало изминатата недела по објавувањето на информацијата дека Алијанса на Албаците ќе ја поддржи опозицијата. Ние, потенцираше Алиу, уште кога влеговме во Владата кажавме дека ќе бидеме опозиција во Владата и се гордееме со тоа.
Како што рече Алиу, Груби на техничкиот премиер Талат Џафери, кого го нарекувал Таљо, му дал спам електронска порака, според која се бара разрешување на двајцата министри од Алијанса за Албанците.
„На 5 февруари 2024 знаете ли која беше првата одлука на Артан Груби? Разрешување на лицата од Алијанса за Албанците. Истиот ден тие почнаа да ги разрешуваат членовите на АА каде што биле вработени. Во вторникот одиме на Влада, влегува премиерот, од неговата лева страна седи Артан Груби и гледаме дека на дневен ред има уште двајца директори од АА и после денеска сме петок и сме тука за разрешување на двајца министри“,
рече Алиу.
До вчера, рече Алиу, се зборуваше дека ДУИ ги контролира албанските партии, но денеска се гледа дека ДУИ ги контролира и отворено тие одлучуваат кој ќе биде министер во една друга партија, но тоа е пуч.
Алиу, исто така, нагласи дека не добил извештај за неговата работа во Владата заедно со предлогот за разрешување, па затоа,како што рече, решил да не зборува за своите постигнувања, туку за атмосферата што владеела во владиниот кабинет.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, чие обраќање беше на почетокот на денешната седница, рече дека во изминатите 11 месеци додека е во Владата не бегал од проблемите како што правеле сите негови претходници на оваа позиција и оти се залагал за решавање на сите проблеми во македонското здравство.
Меџити изрази жалење што не сите министри во Владата ја делат истата цел како неговата, а ДУИ ја обвини дека преку своите министри политизира и работи против интересите на граѓаните и го штити својот партиски интерес.
Министерот им се обрати и на функционерите на СДСМ во овој владин состав и ги повика да размислат колку е, како што рече, понижувачки за нив и нивните поддржувачи да бидат неми набљудувачи на она што го прави ДУИ против интересот на граѓаните и на пациентите. Оцени оти соучесништвото е најлоша форма на поддршка.
Рече дека неговата совест е чиста и оти знае за што се залага и кои се неговите принципи.
Меџити и Алиу се разрешуваат на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, откако тие се изјаснија дека го поддржуваат лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари кој најави дека ќе ја поддржи албанската опозиција на изборите.
Пред министерот за здравство, обраќање до пратениците имаше техничкиот премиер Талат Џафери кој ги образложи причините за предлогот за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество. Рече дека нивно разрешување се предлага не поради професионален аспект, туку поради тоа што во техничката влада не може да има два опозициски субјекти, алудирајќи на тоа дека Меџити и Алиу застанаа зад лидерот на Алијанса во одлуката партијата да коалицира со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.
На местото на Меџити е предложен Илир Демири, додека за министер за информатичко општество и администрација е Наим Бајрами.