Министерот за здравство изрази жалење што не сите министри во Владата ја делат истата цел како неговата, а ДУИ ја обвини дека преку своите министри политизира и работи против интересите на граѓаните и го штити својот партиски интерес
Министерот за здравство Фатмир Меџити, за чие разрешување од функцијата денеска започна собраниска расправа, обраќајќи се пред пратениците во парламентот, кажа дека во изминатите 11 месеци додека е во Владата не бегал од проблемите како што правеле сите негови претходници на оваа позиција и оти се залагал за решавање на сите проблеми во македонското здравство.
„Горд сум и знам дека повторно ќе имам можност да продолжам каде што застанав“,
рече Меџити од собраниската говорница.
Меџити изрази жалење што не сите министри во Владата ја делат истата цел како неговата, а ДУИ ја обвини дека преку своите министри политизира и работи против интересите на граѓаните и го штити својот партиски интерес.
„Ова треба да им служи на чест. Граѓаните се тие што за неколку месеци на избори ќе го казнат ова деструктивно однесување. Сметам дека политиката е средство за помош на граѓаните, а тие сметаат дека политиката е средство за реализација на личните интереси. Ние, кога е во прашање разбирањето на јавните функции, со колегите од ДУИ сме од различни планети. И граѓаните ова го знаат“,
изјави Меџити.
Министерот им се обрати и на функционерите на СДСМ во овој владин состав и ги повика да размислат колку е, како што рече, понижувачки за нив и нивните поддржувачи да бидат неми набљудувачи на она што го прави ДУИ против интересот на граѓаните и на пациентите. Оцени оти соучесништвото е најлоша форма на поддршка.
Рече дека неговата совест е чиста и оти знае за што се залага и кои се неговите принципи.
„Од утре натаму вие одговорете им зошто не се реализираат 1 117 вработувања во Министерството за финансии. Ние тоа експресно го завршивме. Сите се свесни како се борев за овие вработувања. Одговорете им зошто се кочат катните гаражи за да го средиме сообраќајниот хаос на Клинички центар. Одговорете им зошто не се спојува Клиничкиот центар, тоа беше мојот приоритет, најдов решение, а веќе последната одлука во Влада која не се потпишува. Овие прашања и сите други ќе тежат на вашиот грб, не на мојот“,
додаде Меџити во обраќањето од собраниската говорница.
Меџити потоа се осврна на проектите што ги сработил во изминатите 11 месеци откако беше назначен за министер за здравство.
По неговиот говор, за збор по однос на предлогот за негово разрешување се јавија 36 пратеници. Во моментов седницата е на пауза, а нејзино продолжение е најавено од 17 часот попладнево.
Пред министерот за здравство, обраќање до пратениците имаше техничкиот премиер Талат Џафери кој ги образложи причините за предлогот за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество. Рече дека нивно разрешување се предлага не поради професионален аспект, туку поради тоа што во техничката влада не може да има два опозициски субјекти, алудирајќи на тоа дека Меџити и Алиу застанаа зад лидерот на Алијанса во одлуката партијата да коалицира со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.