Вицепремиерот и потпретседател во СДСМ во интервјуто за ТВ Алсат вели дека добил номинација од значителен дел од ограноците во Социјалдемократскиот сојуз
Ако се бара консензуален кандидат како што сум јас, тогаш би прифатил таква понуда, вели вицепремиерот за економски прашања и потпретседател во СДСМ, Фатмир Битиќи, во синоќешното интервју за ТВ Алсат на прашањето дали би прифатил да биде претседателски кандидат на претстојните избори.

Битиќи во интервјуто вели оти добил номинација од значителен дел од ограноците во СДСМ.
„Сега е во тек процес за консултации и тоа треба да заврши со конгресот. Јас имам кажано дека ако се бара консензуален кандидат, како што сум јас, тогаш би прифатил таква понуда“,
изјави Битиќи во интервјуто за ТВ Алсат.
Освен актуелниот претседател Стево Пендаровски, досега како можен кандидат на СДСМ на претстојните претседателски избори се споменуваше доскорешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во интервју за „Еуроњуз Албанија“ од пред неколку дена, Пендаровски изјави дека не се сомнева оти ќе дојде денот кога земјава ќе го добие првиот претседател Албанец, но, како што рече, ќе мора да ги добие поддршката и гласовите од сите етнички заедници во државата.
Досега единствено опозициската Левица го објави името на кандидатот со кој ќе настапи на претседателските избори – професорката Билјана Ванковска.