За Пендаровски не се спорни ниту името ниту етничката припадност на човекот кој е носител на претседателската функција во државата, но вели дека на оваа позиција може да застане само оној што ќе ги добие гласовите и поддршката на сите етнички заедници, зашто само така би можел да се нарече претседател на сите граѓани
Воопшто не се сомневам дека ќе дојде денот кога Албанец ќе биде и претседател на државата, меѓутоа само ако ги добие гласовите од сите етнички заедници, како што тоа беше случај со мојот избор. Ова во интервју „Еуроњуз Албанија“ го изјави претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на прашањето за можноста етнички Албанец да застане на претседателската функција во земјава.
За Пендаровски не се спорни ниту името ниту етничката припадност на човекот кој е носител на претседателската функција во државата, но вели дека на оваа позиција може да застане само оној што ќе ги добие гласовите и поддршката на сите етнички заедници, зашто само така би можел да се нарече претседател на сите граѓани.
„Можно е и етнички Албанец да биде претседател на државата, зошто да не, но ќе мора да ја добие поддршката и од етничките Македонци и од другите етнички заедници, не само од етничките Албанци. Просто, таа е изборната математика. Како што јас не можев да станам претседател без гласовите и на Албанците така утре претпоставено некој етнички Албанец не може да стане претседател на Македонија ако не добие гласови и од етничките Македонци. Кога велам дека јас не бев избран само го гласовите на Албанците, туку и со гласовите на другите, пред сè на Македонците, истото тоа важи и во обратна насока“,
изјави Пендаровски во интервјуто за „Еуроњуз Албанија“.
Говорејќи во оваа насока, претседателот рече дека по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година етничките Албанци во земјава се многу повеќе застапени во сите институции во системот и практично, како што вели, не постои ниту една државна позиција, во т.н. државен апарат кој не им е достапен на Албанците.
„Можам да кажам дека Албанците во изминатите 22 години, а тоа може да ви го кажат и самите тие, направија огромен исчекор во таа смисла. Ние во изминатите две децении и нешто плус имаме Албанци на сите високи државни позиции, а како бројка, ако имаше вкупно 2,4 проценти Албанци вкупно во сите државни институции во 2001, денес нивната бројка е околу 21 процент. Она што е исто важно, да не речат дека тие бројки не се правилно распоредени во горните и долните ешалони на политичката власт, Албанци има носители на највисоките функции. Имавме Албанец претседател на парламентот, сега имаме Албанец претседател на Владата. Воопшто не се сомневам дека ќе дојде денот кога Албанец ќе биде и претседател на државата ако ги добие гласовите од сите етнички заедници како што тоа беше случај со мојот избор“,
рече Пендаровски во интервјуто.
Прашањето за прв претседател Албанец, меѓу другото, го отвори владејачката ДУИ во декември лани откако беше одлучено Талат Џафери да биде номиниран за премиер на техничката влада на сто дена пред изборите и со тоа да стане прв премиер Албанец во државата. Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, тогаш изјави дека следна цел на ДУИ е претседател Албанец зашто само таа позиција има етнички монопол во државата.