По средбата, изјава за медиумите даде портпаролот Блерант Рамадани, кој посочи дека на состанокот присуствувале 75 членови на Централното собрание на Алијанса и сите едногласно ја потпишале декларацијата со која му даваат поддршка на партискиот лидер да започне коалиција со опозиционерите од албанскиот блок
Алијанса за Албанците официјално одлучи да се приклучи кон опозицијата – објави партискиот лидер Арбен Таравари на својот фејсбук-профил по вечерашниот состанок во Куманово со членови на Централното собрание на партијата. Таравари ја свика денешната средба со делегатите на ова партиско тело за да побара поддршка за неговата одлука за заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците.
„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам од сè срце за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата! 8 мај е поблиску од кога било! Промената започна!“,
објави Таравари на Фејсбук.
Говорејќи пред полна сала во Куманово, како што пренесе ТВ Алсат, Таравари порачал оти на 9 мај, еден ден по изборите, Алијанса за Албанците ќе биде главен одлучувачки фактор за иднината на земјава.
Им се обратил и на членовите на партијата кои не дадоа поддршка за неговата идеја за заеднички настап со опозициските партии на Албанците на претстојните избори.
„Тие мислат различно од нас. Тие мислат дека промени се прават со ДУИ. Ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии. Несомнено е дека ќе се држиме до проевропскиот пат. Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ. Верувајте, ве уверувам дека Алијанса за Албанците во моментот кога ќе ја победи ДУИ, во 2025 ќе биде прва партија на Албанците во Македонија“,
изјавил Таравари во обраќањето од состанокот во Куманово, пренесе Алсат.
По состанокот, изјава за медиумите даде портпаролот Блерант Рамадани, кој посочи дека на состанокот присуствувале 75 членови на Централното собрание на Алијанса и сите едногласно одлучиле да ја потпишат декларацијата со која му даваат поддршка на партискиот лидер да започне коалиција со опозиционерите од албанскиот блок со цел, како што рече, после 20 години ДУИ да замине во опозиција.
Декларацијата, како што рече, уште од пред два дена е потпишана од уште десет делегати кои не присуствуваа на вечерашниот состанок на Централното собрание.
„Втората точка од оваа декларација е дека му даваат целосна поддршка на претседателот после наредните избори конечниот став на политичката партија да биде проевропска и секако во насока на политиката на САД“,
изјави Рамадани.
На денешниот собир во Куманово, како што кажа Рамадани, се одржал и состанок на Централното раководство на Алијанса на кој присуствувале 17 од вкупно 29 члена и сите од присутните, како што рече, ја прифатиле оваа иницијатива и му дале целосна поддршка на Таравари.
Прашан што би значела седницата на Централното собрание која за в сабота ја закажа претседателот на ова партиско тело, Зијадин Села, Рамадани изјави оти тоа може да биде собир од евентуално 45 отсто од оние што не се потпишале на декларацијата, а одлуката на 45 отсто, како што рече, дури да бидат присутни и сите членови на Централното собрание, не може да влијае на одлуката на 55 отсто од делегатите.