Како што се наведува во соопштението од агенцијата за катастрофи на градот Мако, свлечиштето се случило синоќа пред рудник за злато во градот Мако во провинцијата Давао де Оро каде што автобуси ги зеле вработените

Свлечиште предизвикано од обилни дождови во јужна филипинска провинција затрупа два автобуса, при што се повредени најмалку 11 лица, соопштија денеска властите за катастрофи.
Како што се наведува во соопштението, свлечиштето се случило синоќа пред рудник за злато во градот Мако во провинцијата Давао де Оро каде што автобуси ги зеле вработените.
Повредените, меѓу кои и еден во критична состојба, се пренесени во болница, објави денеска агенцијата за катастрофи на градот Мако преку објава на Фејсбук.
Агенцијата за катастрофи издаде и наредба за евакуација на пет села во Мако, кој се наоѓа на островот Минданао. Според соопштението, евакуирани се 758 семејства. Според податоците на националната агенција за катастрофи, североисточниот монсун и нискиот воздушен притисок донеле дожд во јужниот регион Минданао од 28 јануари до 2 февруари, што резултирало со смртоносни поплави и лизгање на земјиштето.