Министерот за образование и наука ги повика студентите да ја искористат концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите и апелираше до нив да не дозволуваат да бидат, како што вели, изманипулирани од дезинформации и злонамерни повици
На неколку часа пред денешниот студентски протест, на кој студентите, меѓу другото, ќе протестираат поради ненавремената исплата на продолжените студентски стипендии, министерот за образование и наука Јетон Шаќири обраќајќи им се преку објава на Фејсбук им соопшти дека стипендиите им се исплатени.

„Драги студенти, додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба“,
пишува Шаќири во објавата на Фејсбук.
Министерот ги повика студентите да ги искористат концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите и апелира да не дозволуваат да бидат, како што вели, изманипулирани од дезинформации и злонамерни повици.
Објавата на Шаќири доаѓа во пресрет на денешниот протест на студентите пред Министерството за образование и наука, на кој, како што најавија, ќе го изразат својот револт од ненавремената исплата на продолжените стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз, доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите и проблемите со мерката субвенциониран студентски оброк.
Протестот е во организација на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со поддршка на студенти од уште неколку други универзитети во земјава. На протестот е најавено дека ќе се придружи и неформалната организација „Студентски отпор“, а поддршка најави и УМС на ВМРО-ДПМНЕ.