Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов вели дека егзистенцијата на работниците е најважна и оти работниците не можат да работат со намалување на платите за 21 отсто. Затоа се решени да штрајкуваат

Иако е непопуларна мерка, веќе е донесена одлука за штрајк поради најавеното намалување на платите во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), вели претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Тоа што успеавме да го направиме минатата година со зголемувањето на платите, темпото од јануари до декември со потпишувањето на општиот колективен договор и претходните зголемувања на платите на вработените во јавниот сектор, некако како некој да се обидува од почетокот на оваа година да го забави, односно да не се случат дополнителни зголемувања на платите оваа година и на крајот на краиштата во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), како што веќе сите знаат, дури и да се намалат за 21 процент платите на колешките и колегите кои работат таму. Неколку законски решенија кои се обидуваат таму на брза трака да ги протнат преку Парламентот со европско знаменце, а за кои кажуваат дека се клучни за реформа на администрацијата, меѓутоа реформа не се прави во последните денови од вашиот мандат и последните денови на мандатот на пратениците за да ги донесете ваквите закони, особено законот за административни службеници кој би значел дека во месец март оваа година вработените за кои се однесува тој закон нема да добијат усогласување на платите со Законот за минимална плата, односно нема да добијат по 2 500 денари усогласување на нивните плати“,
вели Трендафилов.
Прашан каков ќе биде одговорот ако се намалат платите во ФЗО, Трендафилов вели дека се трудат да ги искористат сите средства.
„Штрајкот е непопуларна мерка кон која прибегнуваат работниците и синдикатите само во ситуација во која немаат излез, кога ќе бидат ставени до ѕид. Се разбира дека егзистенцијата на работниците е најважна и работниците не можат да работат со намалување на платите за 21 отсто и решени се да штрајкуваат. Жално е тоа што сите ние ќе трпиме поради ваквиот однос на функционерите, на мала врата да го спроведат ова намалување на платите и пак вината да ја префрлаат на синдикатите. Не се работниците виновни за тоа што ќе им се намали платата и не за тоа што ќе штрајкуваат поради намалување на платите. Виновни се оние кои ја креираат политиката. Очекуваме разумни луѓе во Управниот одбор да донесат разумна одлука и да не го дозволат тоа и да не го блокираат функционирањето на ФЗО“,
додава Трендафилов.