Гвир за американскиот весник изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е на крстопат и „мора да избере во која насока да оди“, но дека тој самиот нема намера да поднесе оставка од актуелната влада, иако постојано се закануваше дека ќе го стори тоа
Израелскиот ултрадесничарски министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир изјави за „Волстрит журнал“ дека неговата земја ќе добиела поголема поддршка од САД доколку Доналд Трамп бил претседател.
„Наместо да ни даде целосна поддршка (американскиот претседател Џо), Бајден е зафатен со давање хуманитарна помош и гориво (за Газа) што оди за Хамас. Да беше Трамп на власт, однесувањето на САД ќе беше сосема поинакво“,
рече Бен Гвир, лидер на партијата Окма Јехудит (Еврејски сили).
Гвир за американскиот весник изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е на крстопат и „мора да избере во која насока да оди“, но дека тој самиот нема намера да поднесе оставка од актуелната влада, иако постојано се закануваше дека ќе го стори тоа.
И додека Израел и САД се обидуваат да постигнат договор за ослободување на преостанатите израелски заложници држени во Газа, една од најголемите пречки би можел да биде министерот Бен Гвир, кој стана „громобран“ на израелската ултрадесница, анализира „Волстрит журнал“.
Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид и Бени Ганц, поранешен началник на Генералштабот, сега член на воениот кабинет на Нетанјаху, го критикуваа Бен Гвир за неговата изјава за Бајден.
„Интервјуто на Бен Гвир е директна штета на меѓународната позиција на Израел, воените напори, штетата на безбедноста на Израел и најмногу докажува дека тој не разбира ништо во надворешната политика, но Нетанјаху нема контрола врз екстремистите во владата“,
рече Лапид.
Ганц смета дека премиерот треба да го повика министерот за национална безбедност на „смирување“ бидејќи, како што истакна, наместо да се занимава со прашања од внатрешната безбедност, нанесува огромна штета на надворешните односи на Израел.