Во соопштението објавено денеска, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани рече дека американските напади „го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак и Сирија, меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“
Aмериканските напади врз Ирак и Сирија се „стратешка грешка“ што ќе ги зголеми тензиите и нестабилноста на Блискиот Исток предизвикани од воената кампања на Израел во Газа, соопшти Иран.
Американските сили во петокот започнаа бран воздушни напади врз борците поддржани од Иран во Ирак и Сирија како одмазда за минатонеделниот напад со беспилотно летало во Јордан, во кој загинаа тројца американски војници.
Во соопштението објавено денеска, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани рече дека американските напади „го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак и Сирија, меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации“.
„Нападите ги поддржуваат целите на ционистичкиот режим. Таквите напади сè повеќе ја вклучуваат американската влада во регионот и ги засенуваат злосторствата на ционистичкиот режим во Газа“,
рече тој, мислејќи на Израел.
Продолжувањето на таквите напади претставува закана за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност, се додава во соопштението и се повикуваат Советот за безбедност на Обединетите нации и меѓународната заедница да спречат ширење на кризата.
Во соопштението се наведува и дека „корените на тензијата и кризата се наоѓаат во израелската окупација и продолжувањето на воените операции на израелскиот режим во Газа и геноцидот врз Палестинците, кој се врши со неограничена поддршка на САД“.
„Стабилноста и безбедноста во регионот не можат да се имплементираат без да се фокусираме на основната причина за кризата и нејзиното решение“,
се наведува во изјавата на портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
САД имаат воени бази на Блискиот Исток со децении. Околу 30 000 американски војници се распоредени низ целиот регион. Покрај тоа, од почетокот на војната во Газа во октомври, САД испратија илјадници дополнителни војници во регионот, вклучително и воени бродови.