Во соопштение на Централната команда на американската војска, исто така се вели дека брод на американската морнарица соборил три ирански беспилотни летала и противбродска балистичка ракета на хутите во Аденскиот залив

Американската војска соопшти дека уништила десет беспилотни летала и командна станица на бунтовниците хути во Јемен.
Централната команда на американската војска (Centcom) соопшти дека беспилотните летала претставувале непосредна закана за американските трговски и воени бродови во регионот.
Како што се наведува во соопштението на Централната команда, акцијата против бунтовниците блиски до Иран била спроведена вчера.
Во соопштение на Централната команда на американската војска, исто така се вели дека брод на американската морнарица соборил три ирански беспилотни летала и противбродска балистичка ракета на хутите во Аденскиот залив.
Претходно хутите во Јемен рекоа дека нападнале и погодиле американски трговски брод во Црвеното Море. Тие го именуваат бродот како КОИ (KOI), за кој велат дека е управуван од САД. Компанијата за поморска безбедност „Амбри“ соопшти дека брод што пловел јужно од јеменското пристаниште Аден пријавил експлозија, пренесува „Гардијан“.
Според новинската агенција Ројтерс, КОИ е контејнерски брод под либериско знаме управуван од „Оушеоникс сервисис“ (Oceonix Services) со седиште во Велика Британија. Во флотата на истата компанија е и танкерот за нафта „Марлин Луанда“, кој во саботата беше оштетен од проектил.
Хутите ги сметаат сите израелски, американски и британски бродови за легитимни цели. Воениот портпарол на хутите, Јахја Сареа, вели дека вооружените сили на движењето го гаѓале американскиот трговски брод наречен КОИ со неколку поморски проектили. Бродот, рече тој, пловел кон „пристаништата на окупирана Палестина“, термин што хутите понекогаш го користат за Израел.
„Јемен нема да се двоуми да возврати на британско-американската ескалација. Сите американски и британски бродови во Црвеното и Арапското Море се легитимни цели на јеменските вооружени сили сè додека продолжува американско-британската агресија врз нашата земја“,
вели портпаролот на хутите.