Силите на „Исламскиот отпор“ на својот канал на Телеграм соопштија дека извршиле напади со беспилотни летала вчера рано наутро, како дел од нивните напори, како што наведоа, „да им се спротивстават на американските окупациски сили во Ирак“ и како одговор на израелските „масакри“ врз народот во Газа, пренесува Си-ен-ен
„Исламски отпор“ во Ирак, група од неколку вооружени ирачки милитантни фракции кои ги поддржува Иран, ја презеде одговорноста за нападите на јорданско-сириската граница, каде што вчера во напад со дрон на американска воена база загинаа тројца, а се повредени 34 американски војници.
Силите на „Исламскиот отпор“, на својот канал на Телеграм, соопштија дека извршиле напади со беспилотни летала вчера рано наутро, како дел од нивните напори, како што наведоа, „да се спротивстават на американските окупациски сили во Ирак“ и како одговор на израелските „масакри“ врз народот во Газа, пренесува Си-ен-ен.
Нападите беа насочени кон четири бази, од кои три се во Сирија, соопшти милитантната група.
Американската Влада сè уште не именуваше конкретна милиција која ја смета одговорна за нападот, а американски официјален претставник претходно изјави за Си-ен-ен дека сè уште се утврдува.
Министерот за комуникации на јорданската влада рече дека нападот во кој загинаа американски војници бил насочен кон „напредна позиција на границата со Сирија“ и дека никој од припадниците на јорданската гранична стража не е повреден. Јорданските власти честопати претходно во нивните осуди на конфликтот во Газа изразуваа загриженост за потенцијалното ширење на војната на Блискиот Исток. Јордан е клучен партнер на САД во регионот и добива значителна количина помош.