На крајот од своето обраќање мандатарот на техничката Влада, Талат Џафери за дадената доверба најпрво се заблагодари на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а потоа и на претседателот на државата, Стево Пендаровски и на пратениците во Собранието, кои како што додаде, ги претставуваат граѓаните на Република Северна Македонија
Со задоцнување од нешто повеќе од еден час денеска попладне во Собранието започна 141. Седница на која како единствена точка на дневен ред е избор на техничката влада.

Седницата ја отвори новиот претседател на Собранието, Јован Митрески.
Дневниот ред со единствена точка беше изгласан со 66 гласови „за“, додека „против“ и „воздржани“ немаше.
По ова Митрески му даде збор на мандатарот за соства на на преодната влада, Талат Џафери кој во своето експозе рече дека на должноста премиер ќе пристапи како што постапувал и при секој предизвкик со кој се соочил во неговиот професионален и персонален живот.
„За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за еден или 100 дена, за техничка или преодна Влада! Јас, оваа должност, оваа доверба, чест и над сè, исклучително важна одговорност ја сфаќам и ќе и пристапам онака како што сум постапувал во секоја етапа и при секој предизвик кој што се појавувал пред мене во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија“,
рече Џафери, кој во дел од програмата ја образложи говорејќи на албански, а дел на македонски јазик.
Образложивајќи ја програмата на преодната влада, тој посочи дека владата ќе продолжи даја води во насока на реализација на стратешките приоритети за целосна и забрзана интеграција и полнноправно членство на земјата во Европската Унија до 2030 година.
Џафери рече дека ќе се залага за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој, како и целосно продолжување на социјалните здравствените, образовните, култуните и цивилните потреби на сите граѓани.
Првите приоритети на Владата, како што кажа ќе биде целосно почитување на Уставот и законите на држвата и подготовка и успешно спроведување на слободни, фер, демократски и конкурентни претседателски и парламентарни избори со највисоките стандарди на Европската Унија, на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа.
„Што се однесува на членството во Европската Унија и забрзаната европска интеграција, со цел полноправно членство до 2030 година, Владата ќе продолжи да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори. Меѓу нив се обврските што произлегуваат од одржаните билатерални скрининг состаноци, од извештајот на Европската Комисија од скринингот за Кластер 1, како и за другите кластери кои се во процес на подготовка. Тука спаѓа и Патоказот за реформи во јавната администрација и за поглавјата за владеење на правото со Акциски план, и за подготовка на Патоказот за функционирање на демократските институции, се до нивно финализирање“,
рече Џафери.
Владата, како што кажа тој во експозето ќе остане фокусирана на активностите кои произлегуваат од подготовката за успешно реализирање на Планот за раст, кој е дел од пакетот за проширување на Европската Комисија и е инструмент за засилување на социо-економската конвергенција на Западниот Балкан со Европската Унија и забрзување на ЕУ реформите.
Владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, рече Џафери остануваат централни и стратегиски политики на Владата.
„Ќе ги спроведеме започнатите процеси за заокружување на домашното законодавство во релација со институционалните процеси на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, за определување и санкционирање на лицата поврзани со криминал и корупција“,
кажа Џафери во експозето.
Меѓуетничките односи, почитувањето на граѓанските, културните, јазичните, верските и останатите посебности, како што истакна мандатарот ќе продолжат да бидат обврска и на техничката влада.
На крајот од своето обраќање мандатарот на техничката Влада, Талат Џафери за дадената доверба најпрво се заблагодари на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а потоа и на претседателот на државата, Стево Пендаровски и на пратениците во Собранието, кои како што додаде, ги претставуваат граѓаните на Република Северна Македонија.
Милошоски: Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне на премиерската функција
По експозето на Џафери, прв за дискисија беше пријавен пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој од собраниската говорница рече дека неговата партија нема да галса за техничката влада од две причини: затоа што сметаат дека премиерското место не е законски да го добие партијата која што има помал број на пратеници и затоа што сметаме дека премиерското место во Македонија не треба да го земе партија која што се поврзува на најголем број скандали со висока корупција.
„Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја. Ниту оној што стана од фотелјата, ниту овој што ќе седне немаат искрени чувства кон Македонија. И затоа исто како и Димитар Ковачевски најлошиот премиер досега не очекувајте ниту од Талат Џафери да биде подобар и да работи за успешна и напредна држава Република Македонија“,
рече Милошоски.

Наместо ветената европеизација, рече Милошоски, денес пратениците од СДСМ, ЛДП и НСДП приредија една понижувачка дуизација на државата, ставајќи го на чело на Владата Талат, другарот на Рамиз Мерко и на Пуцко Петрол, „познатите Европејци од Македонија“.
„Затоа тие што ќе кажат дека ова е историски ден може да се согласиме во една работа, ова е историски ден затоа што Македонија има Влада со историски највисок долг, историски највисока инфлација, историски најлошо здравство, историски најмногу лажни пасоши за нарко босовите во Македонија и во регионот. Македонија има Влада со историски највисока корупција во регионот“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во т.н. европски фронт, посочи Милошски тоа што потсетува на Европа се само зелените евра кои што ги земаат како провизија од многу фирми што ги рекетираат.
„Ако Артан Груби беше кумот на корупционерите во Владата, Талат беше нотарот кој што ги завери сите бизниси за закони во Собрание со злоупотреба на европското знаменце“,
кажа Милошоски, кој во продолжение наведе, како што рече неколку примери за оваа корупција на ДУИ и „нивните слуги од СДСМ“, споменувајќи ги притоа Законот за минерални суровини, Законот за автопатите со европско знаменце, Закон за игри на среќа и Државната лотарија.