Според објаснување на Спасовски сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. од село Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К. во периодот од декември 2019 до март 2021 година, за што, како што рече, се обезбедени докази. Во овој период, групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин во земјава од Бразил
Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, а некогаш ќе бидете и зачудени за имињата, меѓутоа правдата мора да го стигне секој еден. Има инволвирани во многу институции и во МВР и во други агенции, во други министерства, судови, јавни обвинителства, рече Спасовски одговарајќи дали има информации за лица кои оддавале податоци за други истраги што претходно се одвивале за осомничените

Во денешната полициска акција во скопското село Грчец уапсени се шест лица. Како дел од оваа акција и во Шпанија е уапсено уште 42-годишно, информираше вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакнувајќи детали за денешната акција за разбивање на меѓународна криминална група.
Спасовски рече и дека полицијата трага и по други лица кои подолг временски период се надвор од Македонија за кои се знае каде се и има соработка со Европол. Министерот рече дека криминалната група транспортирала кокаин од Јужна Америка во Европа и во Македонија и вршела убиства и одмазди.
Министерот Спасовски најави и дека денеска против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства ќе биде поднесена кривична пријава.
Како што соопшти вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се работи за Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43).
Според објаснување на Спасовски сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. од село Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К. во периодот од декември 2019 до март 2021 година, за што, како што рече, се обезбедени докази. Во овој период, групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин во земјава од Бразил.
„Транспорт на 435 килограми наркотична дрога-кокаин набавен од групата во Бразил, Јужна Америка, и транспортиран по воден пат до пристаништето до Антверпен, Кралството Белгија, која количина е запленета од страна на царинските службеници во Антверпен, при што дел од наведената количина требало да заврши на нелегалниот пазар во Република Северна Македонија. Транспорт на 106 килограми наркотична дрога-кокаин кој пристигнал од Перу до Ротердам, Холандија, а по пристигнувањето во пристаништето во Ротердам дел требало да биде пренесен во Република Северна Македонија“,
рече Спасовски.








Организираната крмининална група, според Спасовски, била формирана за вршење убиства од одмазда и по порачка од користољубие. Организаторите, рече министерот, создавале планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот, а плановите ги спроведувале лично или преку организираната криминала група. Организираната криминална група делувала на меѓународно ниво, оранизирала набавка на кокаин од јужноамерикански земји, пренесување до земјите на ЕУ, а дел бил наменет и за наркопазарот во земјава.
„Како резултат на денешните активности и извршените претреси на 20 локации во Скопје, во село Грчец и други места, шестмина од пријавените се лишени од слобода, дел подолго време престојуваат надвор од земјава, а едно лице, Р.С., е веќе лишено од слобода во Шпанија“,
рече Спасовски.
Според него, при претресите се запленети голема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.
МВР во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал по издавањето потерници за лицата кои се надвор од земјава ќе преземе координативни мерки со поддршка на Европол за нивно лишување од слобода.
„Знаеме каде се лицата кои подолго време престојуваат надвор од земјава. Имаме детална соработка со Европол, продолжуваме понатаму со активностите“,
рече Спасовски.
Тој додаде дека ова е една од можеби најзначјаните истраги со која, како што рече, финишира целосното разбивање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на територијата на Град Скопје.
На прес-конференцијата, на која Спасовски изнесе детали за оваа акција, одговарајќи на новинарско прашање дали има информации за лица кои оддавале податоци за други истраги што претходно се одвивале за овие лица, министерот даде потврден одговор.
„Има веќе многу податоци и утврдивме лица од институции на државата кои ги пренесувале податоците односно биле соработници на криминалните активности и ова е почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот. Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, а некогаш ќе бидете и зачудени за имињата, меѓутоа правдата мора да го стигне секој еден. Има инволвирани во многу институции и во МВР и во други агенции, во други министерства, судови, јавни обвинителства. Кои се тие кои во одреден момент самите викаа ‘држ те го крадецот’ , а во суштина биле истите“,
рече Спасовски.
Прашан дали тоа што од понеделник ќе има техничка влада може да делува на истрагата, Спасовски рече дека борбата против криминалот не е работа на позиција и опозиција.
„Тука не ме интересира ниту СДСМ ниту ДУИ ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту било кој друг. Ме интересираат колегите кои работат. Го кажувам ова во име на целиот тим во МВР кои работеа неколку години за да дојдеме до еден ваков резултат и немам никаков сомнеж дека тие колеги ќе продолжат и понатаму да работат на разоткривање на секој еден случај и секој еден криминалец. Не технички влади, свети технички влади нека има овој процес не може да го стопира никој жив“,
одговори Спасовски.