„Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни, белодробни, дијабет, обезност) и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Инфлуенца А“, пишува во соопштението од Институтот.
Минатата недела е регистриран еден смртен случај поврзан со грип, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај за состојбата со грип и заболувања слични на грип.
Оттаму велат дека се работи за лице на возраст од 45 години од Неготино кое било хоспитализирано во Клиниката за инфективни болести.
„Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни, белодробни, дијабет, обезитас) и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Инфлуенца А“,
велат од ИЈЗ.
Според извештајот на ИЈЗ, во досегашниот тек на сезоната на грип, се регистрирани шест починати лица асоцирани со грип, две од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар и Штип, во возрасната група над 65 години и од возрасната група на лица 15-64,
„Сите биле хоспитализирани и биле со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип“,
се вели во извештајот на Институтот.
Кај пет од починатите лица било докажано присуство на Инфлуенца А и едно лице било позитивно на ковид-19.
Вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грип во сезоната 2023/2024 изнесува 5 175. Во споредба со истиот период минатата сезона, се бележи зголемување од 22,3 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони има раст од 34,6 отсто.
Минатата недела во земјава биле пријавени нови 1 675 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 41,7 отсто повеќе во споредба со претходната седмица.
„Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широкораспространета активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 отсто. Согласно овие податоци, РС Македонија има широка географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип“,
пишува во извештајот на ИЈЗ.
Оттаму се вели дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување.
Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, посебно на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи.