Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да почне утре околу 20:30 часот по што официјално ќе се знаат кандидатите за министри и дополнителни заменик-министри во ресорите што според Законот за Владата, треба да ѝ припаднат на најголемата опозициска партија во техничката влада на сто дена пред изборите
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утревечер, по седницата на Извршниот комитет, ќе ги објави имињата на кандидатите за министри и дополнителни заменик-министри во техничката влада, потврдиле за МИА вечерва од партијата.

Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да почне утре околу 20:30 часот.
Според Законот за Владата, во техничката влада на сто дена пред изборите опозициската партија со најголем број пратеници во парламентот добива министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски неодамна најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи свои кандидати во техничката влада, но дека ќе се воздржи од гласањето за составот на таа влада, оспорувајќи ја номинацијата на актуелниот собраниски спикер Талат Џафери за иден технички премиер.
По ваквите најави, премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена изјави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена да го поддржи составот на преодната влада, тогаш местата кои треба да ѝ припаднат на оваа партија во техничката влада треба да останат празни. Сепак, во неговите последни изјави, премиерот повика на одговорно однесување на опозицијата во овој поглед, велејќи дека до в недела, до кога треба да биде изгласан составот на преодната влада, има доволно време за завршување на сите формалности и за конечно гласање.
Техничката влада треба да биде избрана на 28 јануари, односно на сто дена пред парламентарните избори што се закажани за 8 мај. На истиот датум ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.