Од епилогот од вонредната седница на Советот на Град Скопје, на која единствена точка на дневен ред е исплата на субвенции за ЈСП од 11 милиони евра, ќе зависи дали автобусите на јавниот градски превоз ќе продолжат да возат
Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ утрово од 9 часот се повлекуваат во двете автобази во Автокоманда и во Ѓорче Петров, а возачите одат пред бараките на Град Скопје. Таму од 10:30 часот на протест ќе го чекаат исходот од вонредната седница на Советот на Град Скопје, закажана половина час подоцна, на која ќе се расправа и треба да се одлучи за исплата на субвенции на ЈСП за декември во износ од 11 милиони евра.

Вработените во јавниот градски превоз на ваков чекор се одлучија вчера на состанок на Синдикатите на претпријатието бидејќи немаат земено плата за декември поради неисплатените субвенции.
„Вработените во ЈСП ‘Скопје’ имаат срце и душа да им излезат во пресрет на граѓаните на Скопје, на болните лица, децата, вработените за да може да стигнат на своите работни места. Меѓутоа, во 9 часот сите автобуси се повлекуваат во базите. Во 10:30 часот вработените на ЈСП ќе бидат пред Собранието на Град Скопје каде што во 11 часот почнува вонредната седница на Советот околу субвенционирањето на јавното претпријатие“,
рече вчера претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски.
По состанокот, Стојановски рече дека зависно од епилогот од седницата на Советот ќе зависи дали автобусите на ЈСП ќе продолжат да возат.
„Доколку исходот од седницата е позитивен и се донесе одлуката онака како што ние ја бараме и кога на сметките на вработените ќе се префрли декемвриската плата, автобусите ќе продолжат да возат. Се надевам дека така ќе продолжи и целата 2024 година за да не се случуваат вакви настани каде ќе ги малтретираме нашите корисници на услуги, тоа се граѓаните на Скопје и мислам дека таа пракса што ја практикуваат советниците во Град Скопје ќе престане еднаш засекогаш“,
рече Стојановски.
Денеска редовно ќе сообраќаат само комбињата за превоз на лица со посебни потреби и автобусите кои вршат организиран превоз на ученици за кои ЈСП има договор со училиштата и општините.
Инаку, ова е четврти пат како одлуката за субвенциите на ЈСП се става на седница на Советот на Град Скопје.
Прекин во сообраќањето на автобусите на ЈСП „Скопје“ имаше и пред година и половина кога првпат во историјата Скопје остана без јавен превоз бидејќи и тогаш, како и сега, вработените штрајкуваа поради неисплатени плати. Тогаш по еднодневниот прекин на сообраќајот, Советот на Градот Скопје префрли пари на сметката на ЈСП, по што протестот беше запрен, а автобусите продолжија да сообраќаат уште од следниот ден.
Тогаш градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за недостигот на пари за нормално функционирање на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, како и за саботирање на проектот бесплатен јавен превоз исто така ги обвини централната и дел од единиците на локалната власт.
Од Владата ги отфрлија обвинувањата за каков било долг кон ЈСП „Скопје“ и наведоа дека ваквата состојба во која се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.