Ковачевски го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
„Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“,
рече Ковачевски во изјава за медиумите по одбележувањето на празникот Богојавление-Водици во Скопје.
Коментирајќи ја најавата на лидерот на опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивните министри во техничката влада нема да присуствуваат на владините седници, Ковачевски рече дека Владата е извршно тело во кое оние кои се членови на Влада мора да бидат ангажирани во текот на целиот ден за да можат да ги сервисираат обврските што ги имаат.
„Од нивниот пристап во Собранието, видовме дека тие беа дел од Собранието во последните четири години во коишто единствено што правеа е блокада. Владата е извршно тело во кое оние кои се членови на Влада мора да бидат ангажирани во текот на целиот ден за да можат да ги сервисираат обврските што ги имаат“,
нагласи Ковачевски.
Како што објави неделникот „Фокус“, повикувајќи се на извори од владејачкиот СДСМ, предлогот за состав на техничката влада ќе биде доставен во Собранието без имиња и презимиња на кандидатите за министри и заменици-министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквата одлука на СДСМ, пишува неделникот, доаѓа откако претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски јавно соопшти дека неговата партија ќе учествува во техничката Влада, ќе предложи кандидати, но нема да ги поддржи во македонското Собрание, односно ќе гласаат воздржано за изборот на техничката Влада.
„Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер, не ја заслужува поддршката за ништо Талат Џафери од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес е да се воздржиме од било какво гласање, но тоа е мој став, ќе видиме што ќе одлучат партиските тела“,
изјави Мицкоски една недела пред Нова година.
Ставот на Мицкоски бееше потврден и се официјализираше и со одлуки на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела.
ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, односно ќе именува лица што треба да бидат министри и заменици министри, но Извршниот комитет заземал став да се воздржи од гласањето на техничката влада, соопшти потпретседателот на партијата Тимчо Муџунски, по вечерашниот состанок на Извршниот комитет. Техничката влада под водтсво на Талат Џафери, додаде Муцунски, „нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ“.
ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски овластен да ги одбере кадрите за техничката влада