Станува збор за договорот за обезбедување на зградата на М-НАВ меѓу акционерското друштво во државна сопственост и кичевската агенција за обезбедување „2 СС“
На 5 јануари 2024 г., ден по упадот во контролата на летање, ТВ Телма пренесе став на газдата на „2 СС“ дека во тој момент немале формално потпишан договор со М-НАВ. Сега, на Бирото за јавни набавки, е објавен договор со датум – 29 декември 2023 г.
Празниците вообичаено се период за одмор. Но, тој посакуван спокој годинава го наруши упадот во зградата за контрола на летање на М-НАВ.
Како осомничени за настанот, во домашен притвор се седум лица, а уште едно е во затворски (во моментот на изработката на видеото во притвор беа пет лица). И додека институциите работат на одговорот што точно се случило, „360 степени“ анализираше – како воопшто бил можен упад во контролата на летање на М-НАВ и дали нешто ќе се смени, за да не се повтори.
Временска машина
Хеликоптер или авион. Не е важно. Секој воздухоплов што слетува или полетува од Аеродромот Скопје или, пак, само прави прелет над земјава, се наведува од оваа зграда.

А за да се стигне до контролната кула на М-НАВ, треба да се помине оваа уличка, со две рампи на неа. И двете се отвораат од дежурниот чувар кој седи во чуварската куќичка.
И во моментов и на 4 јануари во таа куќичка седи вработен од Агенцијата за обезбедување „2 СС“ од Кичево. Фирмата е избрана на тендер за да го обезбедува објектот.
Според извори од истрагата, но и дел од медиумите, критичниот ден на првата рампа дошле четири возила. Тогаш лице вработено во М-НАВ излегло од главната зграда, дошло до чуварската куќичка и побарало од чуварот да ги крене рампите. Дали чуварот постапил по барањето или дел од работата ја завршил и вработениот во М-НАВ, не е целосно јасно. Но, сигурно е дека чуварот не презел ништо да го спречи влегувањето на „гостите“. Сега, тој е еден од притворените за упадот.

Додека вниманието на јавноста е во случувањата пред судот и обвинителството, во позадина се случи контрадикторен настан. Неделава на порталот на Бирото за јавни набавки е објавен новиот договор за обезбедување на зградата на М-НАВ склучен меѓу акционерското друштво во државна сопственост и фирмата „2 СС“. На Договорот пишува дека е склучен на 29 декември 2023 година, односно една недела пред критичниот настан.
Проблемот е во тоа што на 5 јануари, односно ден по инцидентот, ТВ Телма го пренесе ставот на газдата на „2 СС“, Самир Билбилоски, дека во моментот на упадот го немале потпишано новиот договор.
„Билбилоски вели и дека на 29 декември завршила тендерската постапка и биле известени дека повторно се избрани за обезбедување на М-НАВ. Го добиле договорот за продолжување на соработката, но тој сѐ уште не бил потпишан“,
пренесе ТВ Телма во Вестите на 5 јануари 2024 година.
Прашан за неговиот став за ТВ Телма од пред десетина дена, Билбилоски сега има поинаков одговор.
„Обострано договорот е потпишан на 29.12.2023 година, но оригиналниот примерок официјално е добиен непосредно пред и официјално да биде објавен на ЕСЈН на 15.1.2024 година.“
И од М-НАВ тврдат дека потпишале договор на 29 декември и покрај изјавата на Билбилоски од 5 јануари. Но, индиректно посочија дека директорот на фирмата – Џемаљ Билбилоски е тој што е најупатен, а не газдата – Самир Билбилоски.

„Договорот се потпишува од овластени лица од двете страни, а не од страна на вработени лица кај Економскиот оператор“,
одговорија од М-НАВ.
И да се прифати тезата дека газдата на 5 јануари не знаел што потпишал неговиот директор една недела претходно, датумот на договорот и понатаму е спорен. Еве зошто.
Според системот за јавни набавки, на 29 декември 2023 година, М-НАВ носи одлука за избор на најповолен понудувач за тендерот за обезбедување. А тој чекор, изборот на најповолна понуда, вообичаено се случува барем неколку дена пред потпишувањето договор.

На пример, на 29 декември М-НАВ донеле одлука за избор на најповолна понуда и за тендерот за „Одржување на систем за контрола на пристап и видео надзор и на надворешни уреди“. Договор по таа одлука се уште не е објавен.
Понатаму, на 22 декември М-НАВ донеле одлука за избор на најповолна понуда на тендер за „5 ТВ приемника“. Договорот е потпишан на 5 јануари 2024 година, односно две недели подоцна.
На 21 декември М-НАВ избрале најдобра понуда за патничко осигурување. Договорот е потпишан четири дена подоцна.
Па, прашавме, како е можно токму за обезбедувањето во ист ден и да избрале најповолна понуда и да потпишале договор.
„Одлуката за избор и договорот е потпишан согласно одредбите од Законот за јавни набавки“,
одговорија од М-НАВ.
Две недели без приватно обезбедување
Од М-НАВ негираат дека го антидатирале договорот. Тврдат, се е според законските акти за архивско работење.
Но, тука се јавува уште еден, благо кажано – проблем. Дури и новиот договор за обезбедување да бил потпишан на 29 декември, стариот истекол на 14 декември.
Тоа значи дека тие две недели М-НАВ немала обезбедување ниту во куќарката. Официјално, од М-НАВ тврдат дека во наведениот период, во функција било „интерното обезбедување“. Неофицијално, вработени тврдат дека рампа кревале и лица задолжени за хигиена во објектот…
АЦВ: Ќе има казни и наредби
Кои си причините што довеле до инцидентот и кои се последиците од него, утврдува и Агенцијата за цивилно воздухопловство. Оваа институција изготвува два извештаи – едниот се однесува на обезбедувањето на објектот (секјурити), а другиот на безбедноста на авиосообраќајот (сејфти).
При крај е извештајот за обезбедувањето, кој треба да даде одговори – кои се главните причини што упадот воопшто се случил.

„Причината е непочитување на процедурите за физичко обезбедување на објектот. Причината е самоволно постапување и сериозно прекршување на одредбите на Националната програма за обезбедување во воздушниот сообраќај, од програмата за обезбедување на М-НАВ, од нивните процедури и од Законот за воздухопловство“,
вели Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Документот за обезбедувањето во себе ќе содржи и мерки и наредби кои ќе треба да ги преземе М-НАВ за ваков инцидент да не се повтори. Зголемување на бројноста на службата за обезбедување, воведување построги контроли при влез, се само некои од нив.
Но, што ако М-НАВ не ги почитува новите мерки, како што не се почитуваа актуелните?
„Ако се покаже неспособен и ако не одговори на задолжителните мерки и наредби кои ќе ги изрече Агенцијата за цивилно воздухопловство, тогаш крајна мерка е одземање на сертификатот за делот на вршење на обезбедување на објектот и сите објекти и во Охрид и во Скопје ќе влезат во т.н. „ер-сајт“, значи во безбедносно контролираната зона на аеродромите и како и сите луѓе што влегуваат на аеродром, преку службен влез, така ќе влегуваат и тие и возилата и опремата“,
вели Тунтев.
Извештајот за безбедноста на авиосообраќајот, пак, е во порана фаза бидејќи се чека извештајот за обезбедувањето. Сепак, според директорот на АЦВ, Тунтев, таму треба да се очекуваат помал број насоки бидејќи утврдиле дека немало последици по безбедноста на воздушниот сообраќај.

„Од 14:53 часот, кога започнал настанот, до 15:09 часот, кога завршил настанот, значи за тие 16 минути ниту еден воздухоплов не е останат без комуникација со надлежен контролор на летање. Ниту еден пилот не пријавил настан, тоа во воздухопловството го викаме „окјуранс“ – значи нешто што не е вообичаено и што може да претставува опасност, ризик или загрозување на безбедноста. Ниту еден контролор нема пријавен настан. Ниту било кој од воздухопловен персонал пријавил нешто што е невообичаено. Имајќи го во предвид нивното искуство, нивното знаење, нивната стручност, посветеност на работата, добро е што настанот поминал без последици по безбедноста на воздушниот сообраќај. Значи, не е загрозен ниту патник, ниту воздухоплов, ниту член на екипаж, контролор, никој. Повреда на одредби од други закони, кривични закони, значи јас сега не сум правник да ги коментирам дали има примена на насилство или загрозување на човечки слободи, значи тоа ќе го испитуваат другите надлежни органи. Јас можам да кажам дека го осудувам настанот. Значи не смеело да дојде до случување на настанот. Затоа што можел да предизвика сериозни последици“,
изјави Томислав Тунтев, директор на АЦВ, за „360 степени“.
„2 СС“ ги брани постапките на својот вработен
Седиштето на Агенцијата „2 СС“, фирмата на која М-НАВ и го довери обезбедувањето на контролната кула кај Скопје, се наоѓа во зграда во центарот на Кичево.

Однадвор, просториите изгледаат скромни. Но, во пракса, агенцијата има се позавидни приходи, особено од јавни институции.

Во 2018-тата година, „2 СС“ потпишала тендери во висина од 70-тина илјади евра со централни и локални институции. Во 2022 година, таа сума пораснала до околу 2 милиона евра. За 2023 година сумата е околу еден и пол милиони евра, но има уште време да се објават договорите склучени по огласи од крајот на минатата година.
„2 СС“ има широко портфолио на клиенти, но истовремено најголемите договори им се со институции што ги водат кадри на ДУИ или блиски на партијата, како Јавното претпријатие за државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации и Државна лотарија.
На јавна сцена се појавија и други тврдења – за блискост на Али Ахмети со „2 СС“. На сето тоа од компанијата велат:

„Нашата компанија е основана во 2005 година и од тогаш до денес успешно работи во секторот на услуги за обезбедување на имот и лица, а лиценцата за работа во делот на обезбедување е добиена уште на 23.9.2005 година“,
одговорија од „2 СС“.
Едно од приведените лица за упадот на 4 јануари е токму вработениот во „2 СС“. Прашани за став за постапувањето на нивниот вработен и делата за кои е осомничен, од компанијата одговараат:
„Нашиот став во однос на постапувањето на нашиот вработен е дека истиот постапил правилно и во согласност со предвидите обврски согласно Договорот за јавна набавка на услуги за обезбедување, односно во согласност во внатрешните процедури за обезбедување и постапување“,
одговорија од „2 СС“.
Фактот дека едно од приведените лица е вработено во „2 СС“ го предочивме и пред М-НАВ. Поточно, прашавме дали ќе преземат нешто во врска со постапувањето на кичевската агенција? Ова е интегралниот одговор на прашањето:
„Во моментот сме во постапка на именување на нови членови на УО на М-НАВ АД Скопје“,
одговорија од М-НАВ.
Сите постапки кои се водат, на крај, ќе донесат некакви одлуки и заклучоци. Извесно е дека ќе има политичка и прекршочна одговорност. Дали ќе има и кривична и за кои дела, е тешко да се предвиди.