„Вевчани овој ден го чека цела година, но не на ваков начин како што се случи годинава. Вака никогаш не било“, рече градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, кој информира дека е откажан вечерашниот концерт во рамките на Вевчанскиот карневал
Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, информира дека вечерашниот концерт во рамките на забавниот дел на Вевчанскиот карневал, кој традиционално секоја година се одржува на 13 јануари, е откажан поради смртта на младиот вевчанец кој синоќа загина во тешка сообраќајна несреќа.

Дефилето со маски, пак, како што рече градоначалникот, ќе се одржи во некоја минимална форма.
„Улиците на 13 јануари во Вевчани никогаш не биле во ваква состојба. Речиси се празни и речиси и да не забележав маскирано лице. Вевчани е мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нè потресуваат. Вевчани овој ден го чека цела година, но не на ваков начин како што се случи годинава. Вака никогаш не било“,
изјави градоначалникот на Вевчани.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска е во Вевчани, изрази сочувство до семејството на починатиот и рече дека традицијата на Вевчанскиот карневал ќе продолжи наредната година.
„Не го препознавам Вевчани вакво, навистина ми е жал за целиот овој настан. Денеска дојдов тука за заедно со градоначалникот да видиме што ќе се случува бидејќи целата ситуација е неизвесна. Тоа што ќе одлучат граѓаните на Вевчани денеска да се случува, тоа и ќе се случува. Наредната година традицијата ќе продолжи понатаму“,
изјави министерката Костадиновска Стојчевска и рече дека се надева оти вакви немили настани веќе нема да има.
Во тешка сообраќајна несреќа на регионалниот пат кон Вевчани ноќеска загина 19-годишно момче. Несреќата се случила кога автомобилот „ауди“, со кој управувал 19-годишникот, излетал од коловозот. Момчето починало на самото место. Според неофицијални информации кои ги пренесуваат дел од медиумите, починатиот е Милан Мукоски, син на поранешниот пратеник Крсто Мукоски.