Во врска со вчерашната владина седница на која првично се предложи еден, а по неколку часа друг кандидат за извршен директор во М-НАВ, откако се утврди дека првопредложениот не ги исполнува условите за оваа функција, премиерот вели дека нема ништо спорно во тоа и дека за оваа позиција биле предложени повеќе кандидати
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека Македонската навигација е на ниво на семејна фирма во која има вработувања до трето колено и дека затоа таму се случуваат конфликти кои обично се случуваат по дома. Вели дека поради тоа и Владата и Еуроконтрол треба посериозно да се занимаваат со М-НАВ, но и да се испита начинот на кој се прават конкурсите за вработувања, како и критериумите и начинот на селекција на кандидатите.
„Таа фирма е станата како семејна фирма бидејќи кога ќе погледнете таму се вработувани до трето колено. Кога ќе видите, на претседателот на синдикатот татко му работел таму, тој таму работи, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое имаат конфликти кои обично се случуваат по дома“,
изјави Ковачевски велејќи дека во М-НАВ има премногу случајности кои имплицираат дека можеби и не се случајни.
Додаде дека работата на синдикатите при М-НАВ треба да биде предмет на вонреден инспекциски надзор од страна на Трудовиот инспекторат. Прашан дали со тоа се врши притисок врз синдикатите, Ковачевски одговори дека не се работи за никаков притисок туку за законски пропишана можност за надзор на работата на синдикатите.
„Апсолутно не е притисок врз синдикатите зашто законска можност е да се врши вонреден надзор на работата на синдикатите во рамки на надлежностите кои ги спроведуваат, дали излегуваат надвор од своите надлежности, така што, тоа е законски пропишана одредба и не претставува притисок“,
додаде премиерот.
Во врска со вчерашната владина седница на која првично се предложи еден, а по неколку часа друг кандидат за извршен директор во М-НАВ, откако се утврди дека првопредложениот не ги исполнува условите за оваа функција, Ковачевски вели дека нема ништо спорно во тоа.
„Имаше повеќе кандидати кои беа предложени и разгледувани од страна на Владата при што беа консултирани од Статутот на М-НАВ и врз основа на тоа беа издвоени двајца кандидати. Но затоа што се случиле промени на Статутот пред извесно време, пред четири години точно во делот на М-НАВ коишто велат дека генералниот директор мора да биде контролор и затоа имаше и други кандидати коишто беа разгледувани при што се извршија и консултации со стручната фела, зашто, претпоставувате дека во Владата нема ниеден контролор на летање од 21 министер и врз основа на консултација со стручната фела беше донесена одлука да се препорача овој кандидат за извршен директор“,
додава премиерот.
Прашан дали има информација оти конечниот кандидат за извршен директор на М-НАВ, Хекуран Асани, кој треба да биде избран од Надзорниот одбор на Навигацијата, е внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Ковачевски рече:
„Не знам чиј внук е, 25 години е контролор на летање, така што…“