Во периодот од 22 до 28 јануари во Собранието ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката влада
На првиот работен ден во Собранието координаторите на пратеничките групи на средба со претседателот Талат Џафери го договорија периодот кога ќе се одвиваат формалните подготовки кои треба да се завршат во врска со изборот на техничката влада.
На првата одржана координација кај Џафери договорено е во периодот од 22 до 28 јануари на пленарни седници да бидат констатирани оставките на претседателот на Владата и на Собранието. Исто така, ќе се избере нов претседател на Собранието и ќе се информира претседателот на државата за доделување мандат на новиот претседател на Владата.
„Ќе се избираат Влада, министри, заменик-министри и дополнителни заменик-министри. Ќе треба да се констатира престанок на мандат на пратеник и да се верификува мандатот на нов пратеник од изборната единица 5“,
информираат од кабинетот на претседателот на Собранието по одржаната средба.
Оттаму додаваат дека за сите активности и прецизни рокови навремено ќе се информира.
Исто така, информираат и дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на мандатот на овој парламентарен состав. А, првата седница за пратенички прашања, додаваат од кабинетот на Џафери, ќе се одржи по 100 дена мандат на владата избрана на парламентарните избори.
Претседател на техничката влада ќе биде Талат Џафери, а координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, ќе биде претседател на Собранието.
Нема информација дали на денешната координација со Џафери, првите луѓе на пратеничките групи разговарале и за изборот на член во Државната изборна комисија, како и за најавениот бојкот на Собранието од страна на пратениците од опозициските партии на Албанците.
Пратеничката Сафије Садики-Шаини, од коалицијата Европски сојуз за промена, во изјава за МИА вели дека со неучеството на денешната редовна координација кај спикерот Талат Џафери го почнуваат бојкотот на работата на Собранието.
Садики Шаини нагласува дека тие ќе продолжат и со други правни мерки за бојкотирање на работата на Собранието, доколку не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија – Абдуш Демири.
„Доколку точката за нашиот член на ДИК не биде изгласана на пленарна седница, ќе ја бојкотираме работата во Собранието. Првиот чекор од бојкотот е неучество на координацијата. За информација, на секоја координација со претседателот на Собранието го имам поставено прашањето за нашиот член во ДИК, но Талат Џафери секој пат со образложение и објаснувања, со еден збор, го саботира и манипулира членот на албанската опозиција“,
вели Садики Шаини.