На социјалната мрежа Твитер денеска се појави нова снимка од теретана на која се гледа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со неговото обезбедување.
Во коментарот на снимката, пак, се наведува дека Мицкоски повторно „ги прекршува мерките“ и “оди во теретана која отвара само за него“.
@MickoskiHM денеска пак у теретана со бодигарди!
— рецепционерот Талат (@TalatOdPrespav) April 25, 2020
Синоќа плачеше, загрижен за зеравјето на граѓаните, загрижен од коронавирусот и ете го наредниот ден пак ги прекршува мерките оди во теретана која отвара само за него! наќе уште спиеш или ќе почнеш са работиш?! pic.twitter.com/GRpA6nHcn4
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја негира информацијата и обвинува за лаги креирани и платени од Бихаќка.
„Не е толку срамно што објавуваат без да прашаат, туку е срамно што лажат континуирано и бесрамно. И нема ниту една лага да не им се распрсне и дознае. Веќе е совршено јасно дека зад ваквите лаги стојат повеќе квази пиарџии платени со државни пари, и еден центар на моќ сместен на Бихаќка. Дечки повторно грешка, снимката е стара најмалку половина година, туку сега што правиме со тендерите во Дрисла, со новата блокада на патот кон ЕУ, со пљачката која ја правите со новата акциза, со економската криза и нарушеното здравје на граѓаните. Незрелото однесување на СДСМ значи ново пробиено дно. Сосема на крај, сепак има разлика. Да, јас спортувам, а вие крадете. Да, јас планинарам, а вие ја срамите и распродавате Македонија и да, ќе продолжам да вежбам кога ќе се создадат услови, а вие сепак на крајот од денот ќе останете ситни луѓе и јас ве жалам!“,
вели Мицкоски во неговиот коментар за објавената снимка.

Ова е втор пат како во време на епидемијата се појавува снимка од Мицкоски од теретата. На претходната, објавена на почетокот на месецов, се гледаше како тој излегува од теретата.
Тогаш и Мицкоски и сопственикот на теретаната тврдеа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бил таму не за да вежба, туку за да си ја земе опремата и да се посоветува за исхраната.